Музика на кирилица

Наша колумна – За прв пат во Новата година-Добро утро, добар ден и што ли уште не?!

Јануари. Првиот месец во годината кој е пред нас. Месец полн со многу фамилијарни собирања, еден куп весели моменти,евоцирања на спомени од годината што ја испративме, многу дружење, љубов и така натаму. Совршен момент за да Ви се обратам и да Ви посакам СЕ најубаво… Намерно ги пишам овие три точки за да ги избегнам оние киломентарски клише желби со кои си честитаме. Нова Година, Божиќ, Василица… само ќе Ви посакам здравје, тоа е најважно другото се ќе си се намести онака како што треба, а веќе пополека ја газиме првата половина од јануари. Веќе пополека се “трезниме” од лумперајќи и непроспани ноќи, си ги заскуваме ракавчињата и си се фаќаме сериозно (кој повеќе, кој помалку) за работа.

Инаку ова е моја прва колумна во животот (ај нека ми е аирлија можда ќе ме биде хехехе) и особено ми е драго заради тоа што токму за прв пат се обраќам на Вас, посетителите на овој портал кој својот главен акцент го има насочено кон случувањата на македонската музичка сцена. Моето, односно нашето заедничко дружење, ќе се случува два пати во месецот, можеби понекогаш и три пати месечно се во зависност од тоа што ќе се случува на музичко поле кај нас, а понекогаш и во регионот. Ќе има од се по малку: критикување, полемизирање, мудрување, понекогаш и малку иронија и сарказам… се со цел да Ви биде интересно да измамам насмевка на Вашите лица додека читате. Ќе се најдат сите на тапет без некој посебен исклучок: и најпознатите и најанонимните и оние подзаборавените, а секако и оние кои што допрва почнуваат да ја газат нашата естрадна почва. Едноставно нема лабаво, ако е лабаво работата не ја бива нели?! Овде нема да има место за кажување рецепти од комшиките или искажување емоции. Овде има и ќе има место само за вистинската слика во поглед на се она што се случувало, се случува и ќе се случува под македонското естрадно небо.

Додека пишував во моето топло домашно катче, мислев дека тука треба да привршувам и да Ве поздравам најавувајќи што да очекувате во следната моја колумна, кога наеднаш си велам “чекај, празници беа има уште неколку дај напиши нешто во тој домен, не ги изневерувај луѓето од прва доста време ти посветиле”, а јас тоа го ценам секако така што не можам а да не кажам нешто во поглед на тоа што се нарекува “празничен план програм” за 2013 од мој, а сигурна сум и од Ваш аспект донекаде мили мои…

“Најлудата ноќ” како што сите ја нарекуваат (иако реално гледано секој викенд навечер и тоа како не “тресат” луди вибрации кога излегуваме во петок или сабота) дојде и помина. Секој ја дочека на свој начин: кој на плоштад, кој во хотел, кој во кафана, кој во кафуле, а претпоставувам најмногу во своите сомови со најблиските. Токму оваа последнава група е најинтересна во овој поглед, бидејќи не може без ТВ кога се празниците, а за тоа секако свој придонес имаат телевизиските куќи кои организираат снимања на разноразни новогодишни емисии, ама пред почетокот на истите како “предјадење” на ТВ екраните ни беа сервирани турски серии на чело бомбастичното враќање на Величенствениот султан Сулејман (неизбежно беше да се спомене, мора да признаете). И така после гледањето на сериите кај и да пуштиш гледаш скоро се – едно те исто: шведска маса, разни печења и кифлиња, ора и чочеци, фризури ала Тина Тарнер во млади години (не сфаќајте п-огрешно, жената ја обожавам), испотени елипсовидни пазуви, сатен ала Бит Пазар… со еден збор кичерај за извоз… Но, не беше секаде така, сепак во сета таа мизерија имаше и нешто така малку порозево да речам. Националниот сервис понуди нешто малку поинакво од чочеците и кичерајот (на мое изненадување). Повеќе од 200 интерпретатори зедоа учество во “белата ноќ”, секако подпомогнати од четирите оркестари кои функционираат во склоп на МТВ. Некој ќе рече: “Па добро, што има овде поразлично и подобро?!” Има дечки, има!!! Тоа што беше во живо – инструменталниот дел беше беспрекорно одработен, секоја чест на академските музичари, но пеачите мааалку потфрлија (не сите нормално) и точно се виде кој има златно грло, а кој грлцето го грепка цело време и не може да отпее една песна која има едвај пет тона од скалата (инаку по професија сум дипломиран музичар и знам што пишувам, да не рече некој оваа паметна сака да се направи, а појма нема). Ама токму тие кои не ги бива упорно си тераат и мислат дека ќе ги биде од пусти мерак од детството што го имале… Ама тоа е друга тема на муабет која ќе биде обработена во следните колумни, кажав јас погоре нема лабаво 🙂

Би пишувала уште, ама времето е скапоцено и треба разумно да го трошиме, мили мои. Затоа јас си ги слушам и постарите во право се кога ќе речат: “Кога ти е најубаво престани” и јас длабоко во себе чувствувам дека треба тука да повлечам рачна. Се надевам дека свечената заклетва ја положив успешно, за тоа тука секако ќе бидат Вашите мислења кои и тоа како ќе ми бидат потребни се со цел да бидам подобра и подобра. До следниот пат Ви посакувам да бидете позитивни, насмеани и секако не заборавајте дека Јас сум тука за Вас и мислам на Вас, ама понекогаш сакам и Вие да помислите на мене иако не ме знаете… или можеби и се знаеме, бидејќи јас сум тука околу сите Вас.

Поздрав од Тек – Тук

Можеби ќе ве интересира: