Веќе од вчера на радиостаниците низ Македонија, слушателите имаат можност да ја слушнат новата песна на скопскиот бенд “Beta House”. Специјален гостин е Леа, песната се вика “Емили”, а за неа е снимен и спот, достапен за јавноста на интернет каналот YouTube. Песната е снимена во студиото “MarryPhat”, а видеото, снимено на неколку локации околу Скопје, го сработи Мелем продукција во режија на Огнен Шапковски.
Бендот “Beta House” постои од 2009-та година, примарно како “кавер” состав. Членови на овој бенд се Раде Кекеновски – вокал, Александар Алексов Балабанов – гитара, Стефан Стојчев – бас и Бодин Попов тапани. Бендот почна да изведува авторски дела пред една година, кога самостојно ја издаде песната “Мона Лиза”. Песната се најде на повеќе топ листи. До крајот на оваа година “Beta House” планираат да го издадат својот прв албум.
Леана Таќи, позната како Леа, во последнава година беше дел од повеќе соработки во различни состави. Македонската јавност најдобро ја знае од песните “Не заборавај”, “Иста патека” и “Сон” – продукт на нејзината соработка со Eye Cue, од соработката со Лева патика, со Дарко Стојчев, како и неодамнешниот настап на Златна бубамара на популарноста со бендот “The Hounds” и песната “Да дишеме слободно”.
Подготви: Андреја Андреевиќ
