После неколку месеци од снимањето на спотот во Скопје и низ сите 6 југословенски републики, вчера беше промовиран новиот дует на легендарните „Црвена јабука“ и Жељко Самарџиќ.
Спотот за песната „Алеје љубави“ е сниман ширум поранешната Југославија во Белград, Љубљана, Подгорица, Загреб, Мостар, Скадарско езеро, Јадранско море, Скопје итн. Имено се работи за високо буџетен проект во режија на Харис Дубица. Песната е дело на Мирко Шенковски-Џеронимо, а аранжманот е на Мирослав Столица.
„Вакво сеопфатно снимање на музичко видео досега не е снимено во поранешна Југославија, и се станува уште поважно, бидејќи видеото е снимено во тешки околности за време на пандемијата на коронавирусот. Тимот помина над 5.000 километри за да го реализира видеото, а снимениот материјал не беше за едно, туку за три видеа, па режисерот беше во слатки маки“, се вели во официјалното соопштение.

