Премиера

Александра Јанева со „Сестро“ го најави новиот студиски албум: 2026 во знакот на женската поддршка (Видео)

Со новиот сингл „Сестро“, Александра Јанева го означи почетокот на ново музичко поглавје и официјално го најави истоимениот албум, чиј излез е планиран во текот на оваа година. Песната носи јасна и емотивна порака за женската солидарност, пријателството и меѓусебната поддршка – теми што ќе бидат централни во целиот албумски проект.

Музиката, аранжманот и целосната музичка продукција на „Сестро“ се дело на Лазар Цветкоски, додека текстот е потпишан од Луна, која со внимателно одбрани зборови ја гради приказната за жените кои си се потпора во најважните животни моменти.

„Сестра е секоја жена која ти подала рака, секоја пријателка која ти помогнала да ја откриеш сопствената вредност. 2026 година целосно ќе ја посветам на оваа порака, ќе биде година во знакот на „Сестро“, исполнета со многу нова музика која ја слави поддршката помеѓу нас“, вели Александра Јанева.

Визуелната приказна на песната е надополнета со впечатлив музички спот, чија режија и монтажа се потпишани од Огнен Шапковски од продукцијата „Мелем“, додека директор на фотографија е Кристијан Теодоров. Спотот суптилно ја следи емоцијата на песната, ставајќи го фокусот на искреноста и интимноста на пораката.

Албумот „Сестро“ нема да биде објавен одеднаш – сингловите ќе излегуваат етапно во текот на целата година, што дополнително ќе ја заокружи концептуалната целина и ќе ѝ даде простор на секоја песна да раскаже своја приказна.

Текстот го подготви: Андреа Андреевиќ

Можеби ќе ве интересира: