По низата хитови во форма на преработки што ги освоија срцата на публиката, дуото Дац и Александар конечно ја претставуваат својата нова оригинална песна „Четири страни“. Овојпат тие не патуваат низ музичкото минато, туку создаваат свежа и емотивна љубовна приказна сместена во Скопје.
„Четири страни“ е песна што ја спојува препознатливата чувствителност на Александар Митевски, кој стои зад авторството, со топлиот вокален израз на дуото. Приказната е едноставна, но силна – љубов што не познава граници, љубов што ги руши сите страни и насоки.
Музичката приказна ја надополнува и видеото, кое изгледа како мини-филм, во режија на тим кој успеал да ја долови вистинската магија на Скопје во вечерна атмосфера. Главните улоги во спотот ги имаат Клара Кокев и Young Dadi, кои носат младешка енергија и вистинска хемија пред камерата.
Со „Четири страни“, Дац и Александар уште еднаш потврдуваат дека знаат како да создадат песна која се памети уште од првото слушање – комбинација на искрени емоции, урбана енергија и вистински македонски дух.
Погледнете ја нивната нова љубовна скопска приказна и уживајте во „Четири страни“.
Текстот го подготви: Иван Јосимовски
