Популарниот македонски пејач Чеде Спасиќ ја промовира својата најнова песна со наслов „Поздрав праќам брате мој“, уште еден силен емоционален израз што доаѓа од срцето на еден од најбараните артисти на домашната естрада.
Музиката ја потпишува реномираниот Сашо Митковски, текстот е дело на Орце Зафировски, додека за аранжманот се погрижи Дамир Имери. Песната е снимена во „XL Studio“ кај Дејан Момироски, кој стои и зад миксот и мастерингот на нумерата.
„Често на настапите ме прашуваат кога ќе излезе нешто ново. Еве, новата песна е тука и се надевам дека ќе ја допре публиката. Работиме напорно, а ова е само прв чекор од низата нови проекти што следуваат“, изјави Спасиќ, најавувајќи динамична музичка сезона.
Видеото, режирано од продуцентот Зати и неговиот тим, е визуелно патување низ магијата на Охрид. Кадрите го фаќаат духот на градот, неговата природна убавина и автентична атмосфера, кои совршено се вклопуваат со топлината и меланхолијата на песната. Со оваа балада, Чеде Спасиќ уште еднаш покажува дека знае како да допре до емоциите на својата публика, не само дома туку и во дијаспората, каде што редовно настапува – особено во Швајцарија, Германија и Австрија.
„Поздрав праќам брате мој“ е повеќе од песна – тоа е лична приказна, посвета на блискоста, загубените пријателства и вечната поврзаност.
