Доколку го следевте Фестивалот на забавни мелодии “Макфест”, кој што неодамна традиционално се одржа во градот Штип, ќе забележавте едно симпатично момче кое иако срамежливо и тивко, сепак на сцената со многу емоции ја донесе преубавата балада “Кукло моја несудена”. Кому беше посветена оваа песна тоа сеуште не го знаеме, но едно е сигурно, младиот Филип Пешевски ја освои публиката со својата интерпретација, вокал и композиција. Тој е новото име на македонската музичка сцена.
“Кукло моја несудена” е дело на Ванчо Димитров, аранжманот го подготви Никола Автовски, додека пак за текстот беше задолжен најдобриот, Огнен Неделковски. Веднаш по одржувањето на фестивалот оваа песна беше екранизирана во интересен видео спот, за кој што беше задолжена BlackMagic Production. И покрај тоа што веќе подолго време Филип е дел од препознатливиот и популарен бенд “Арија”, ова е всушност неговата прва соло песна, но веруваме не и последна.
Инаку, 22 годишниот Филип е студент и дел од Факултетот за музичка уметност, а во слободно време освен што сака и ужива во прошетките низ градот, тој редовно и спортува како и секој млад човек.
Во продолжение, погледнете го видео спотот за неговата прва песна.
