Премиера

„Филтер Лабел“ го објави албумот на дуото Георги Шарески и Марко Јовановиќ.

Во текот на изминатите три месеци дуото Шарески – Јовановиќ ѝ се претстави на светската јавност со трите синглови “CouCou”, “Love Song 2” и “Bird of Paradise”, кои беа одлично прифатени и се најдоа на плејлистите на десетици светски радио станици специјализирани за џез, downtempo и world music.

Овие три песни всушност беа најава за албумот “Big Love”, што од денеска може да се слуша и даунлодира од сите светски дигитални музички сервиси. Изданието содржи девет композиции потпишани од Георги Шарески и нуди интимен поглед во творечката имагинација на овој несекојдневен музички автор. Чистата убавина на овие песни е заокружена со уникатниот, навидум необичен, спој на гитарата на Шарески и усната хармоника на виртуозот Марко Јовановиќ. Со речиси детска разиграност, без трошка его, овие двајца музички генијалци совршено се надополнуваат и истражуваат каде се границите на нивниот уникатен музички концепт. Резултатот е фантастична синергија како посвета на искреноста во уметноста.

Низ албумот провејуваат влијанија на Toots Thielemans, Pat Metheny и Stevie Wonder, но не како очигледни цитати, туку како инспирација за еклектичниот пристап во творештвото и интерпретацијата. Изданието звучи медитативно и спиритуално, на моменти можеби и наивно, но истовремено е и длабоко емотивно, необично и волшебно. Албумот “Big Love” на Георги Шарески и Марко Јовановиќ од денеска е достапен на сите позначајни музички сервиси во светот, а може да се слушне и преземе од следниов линк.

Можеби ќе ве интересира: