Со големо задоволство, македонската музичка дива Каролина Гочева го претставува својот најнов музички проект – песната „Mog Života Dio“, проследена со визуелно впечатлив видео спот, наменет за целиот регионален пазар.
Зад оваа емотивна балада стои проверениот авторски тандем. Музиката и текстот се дело на Дино Мухаремовиќ, кој го потпишува и претходниот сингл на Каролина, „Дај на сунце“, додека аранжманот е на Дино Шукало, реномиран сараевски студиски музичар и долгогодишен соработник на пејачката. Песната е снимена во неговото студио Модра Риека во Сараево, што дополнително придонесува за автентичната атмосфера и емотивната длабочина на композицијата.
Видео спотот, во режија на Миомир Милиќ, совршено го надополнува музичкиот наратив, носејќи префинет визуелен израз што ја рефлектира суштината на песната – љубов, носталгија и зрелост. Визуелниот идентитет на Каролина е доверен на докажан креативен тим: стилист е Јована Зука, облеката е на Јована Филиповиќ, додека за фризурата и шминката се погрижија Октај Сејди и Дадар.
„Mog Života Dio“ ја покажува Каролина во нејзиното најзрело уметничко светло – софистицирана, емотивна и автентична, подготвена повторно да го освои срцето на публиката низ целиот Балкан.
Подготви: Андреја Андреевиќ
