Христијан Атанасов – Кико, млад артист од Охрид кој има само 27 години, со години наназад е присутен на македонската хип-хоп сцена. Но овој пат, на македонската публика ѝ се претставува со сосема нова насока – емотивна, интимна и романтична. По долгогодишна работа во сферата на хип-хоп музиката, Кико одлучи да направи искрен творечки пресврт. Неговата најнова песна, со наслов „За вечност“, носи силна љубовна порака и е инспирирана од најчистото чувство – љубовта.
„Оваа песна е моја лична и интимна исповед. Напишана е од срце, инспирирана од љубовта и од сето она што го живеев и чувствував. Сакав да ја споделам со сите што некогаш се нашле во слична емотивна состојба – луѓе кои љубеле, страдале или едноставно верувале во вечноста на чувствата“, вели Кико.
Официјалната промоција на неговата најнова песна „За вечност“ не се случи во класичен музички контекст, туку на најличен можен начин – токму на неговата свадбена прослава, пред роднини, пријатели и најблиските гости. Со оваа одлука, Кико не само што создаде уникатен момент, туку и ја потенцираше силата на песната која служи како саундтрак на неговата реална љубовна приказна.

Песната е снимена во MWP студиото, со врвен микс и мастеринг на Дарко Јовановски, а инструменталот го потпишува познат германски продуцент, кој донесува модерен и емотивен звук, совршено вклопен со тематиката на песната. Додека пак, видеоспотот за „За вечност“ е снимен во родниот град Охрид и на прекрасните локации во националниот парк Галичица, под режисерска палка на Стефан Стојкоски. Снимената природа, симболиката на локациите и нежната нарација на љубовта, го прават спотот не само визуелно привлечен, туку и емотивно силен.
Оваа песна е само почеток на нова фаза за Христијан Атанасов – Кико. Како што самиот открива, неколку нови песни се веќе подготвени и наскоро ќе бидат објавени. Тој останува посветен на својата љубов кон хип-хопот, но сега, збогатен со емоции, зрелост и нова енергија.

„Сакам да продолжам да создавам музика што допира до луѓето. Ќе има уште многу – и ритам и емоција. Само вистински“, вели Кико.
Со „За вечност“, Кико се претставува во ново светло – не само како музичар, туку и како човек кој не се плаши да ја покаже својата ранливост и вистински чувства. Ова е песна која не се слуша само со уши, туку и со срце. Во продолжение, преслушајте ја најновата песна на Кико „За вечност“ и дозволете ѝ да ве потсети на она што е највредно – љубовта.
Текстот го подготви: Иван Јосимовски
