Премиера

„Луда“ – новиот летен „бенгер“ од Христијан Тасковски – Таско и Теа Трајковска (Видео)

Летото веќе добива свој саундтрак, а името му е „Луда“. Новиот музички проект на Христијан Тасковски – Таско и Теа Трајковска носи токму она што ѝ треба на сцената – свежина, ритам и заразна енергија. Зад музиката стојат Таско, Теа и Лазар Цветковски, кој воедно го потпишува и аранжманот, битот, миксот и мастерингот. Резултатот е модерен урбан звук што лесно влегува во уво и уште полесно останува таму.

Песната беше промовирана на YouTube заедно со видеоспот снимен во магичниот Охрид, каде што покрај добрата музика, во преден план доаѓа и визуелната приказна – топли бои, летна атмосфера и стилски изданија на артистите кои не поминуваат незабележано. Видеото е во режија и постпродукција на Никола Наумовски, кој уште еднаш покажува чувство за динамика и естетика.

„Луда“ не е само песна, туку целосен вајб. Таско останува доследен на својот препознатлив рап стил – директен, самоуверен и харизматичен, додека Теа внесува мелодија и емоција што дава баланс и длабочина на целата приказна.

Темата? Класична, ама секогаш актуелна – привлечност, игра на погледи и таа тенка линија помеѓу страст и емоција. Сето тоа спакувано во лесен, комерцијален и радио-пријателски формат. Со „Луда“, Таско и Теа јасно покажуваат дека кога ќе се спојат различни музички енергии, резултатот може да биде нешто навистина заразно. Сѐ мириса на тоа дека ова ќе биде една од песните што ќе се врти на repeat ова лето.

Текстот го подготви: Андреа Андреевиќ

Можеби ќе ве интересира: