„Те сакам, до небо и назад…“ – ова се стиховите што веднаш пленуваат и ја отвораат најновата балада на пејачката Мими Јовановска. Песна полна со чувства, топлина и искреност, песна што говори тивко, но силно – како љубов што никогаш не замолкнува.
Во месецот кој симболично носи радост, надеж и љубов, Мими ја претстави својата најнова нумера со најсилниот наслов – „Те сакам“. Баладата е емотивна приказна која плени уште на прво слушање, а стиховите и музиката го носат потписот на Роберт Билбилов. За визуелниот дел повторно стои режисерот Даниел Јовевски, кој ја доловува атмосферата на песната на искрен и суптилен начин.
„Со голема радост ја претставувам мојата нова песна, искрена љубовна приказна што долго време живее во мене. ‘Те сакам’ е композиција во која ја ставив целата топлина, нежност и сила што ја носи љубовта. Тоа чувство што го следи човек од ‘вчера, денес и засекогаш’. Оваа песна за мене е потсетник дека љубовта не исчезнува ни кога денот е сончев, ни кога небото ќе се замрачи“, вели Мими.
Во песната, вели таа, љубовта е прикажана како сила што не се губи, туку неуморно живее во нас.
„Во стиховите сакав да ја опишам љубовта како светлина што ги бои најсивите денови, како море без крај, како дом што го носиме во срцето. Со Даниел Јовевски повторно работевме со многу доверба и посветеност. Со нетрпение чекам да ја слушнете и секој да ја почувствува на свој начин“.
„Те сакам“ е нумера што ја слави љубовта во нејзината најчиста форма, со сите нејзини височини и падови – песна која гушка, топли и оставува трага.
