Премиера

„Молитва за Македонија“ – песна што ги спои Мелбурн и татковината во едно срце (Видео)

Младите и талентирани Петар Дамчески и Тиана Степановски од Мелбурн ја претставија својата најнова дуетска песна „Молитва за Македонија“ – емотивна музичка приказна која директно допира до срцето. Зад ова музичко остварување стојат проверени имиња – музиката и аранжманот се дело на еден од најреномираните македонски автори Горан Милошески, додека текстот го потпишува маестралниот Огнен Неделковски, што само дополнително ја засилува тежината и пораката на песната.

Како што дознава музичкиот портал Музика24, видеоспотот е снимен на атрактивни локации во Мелбурн од страна на Ване Петковски – ИН тв, создавајќи симболична врска меѓу двата света – оној каде што младите живеат и оној што го носат длабоко во себе.

За Тиана Степановски, ова е прв музички проект, но нејзината интерпретација открива зрелост и емоција која ретко се среќава кај дебитанти. Нејзиниот вокал остава силен впечаток и навестува сериозна музичка иднина. Од друга страна, Петар Дамчески веќе чекори сигурно по својот музички пат, со неколку авторски песни зад себе, градејќи препознатлив стил и уметнички израз.

Она што ги обединува е нивната искрена мисија – да ја зачуваат и пренесат македонската песна, традиција и култура меѓу младите во дијаспората. Преку нивната музика, македонскиот дух не само што опстојува, туку добива нова, модерна форма. „Молитва за Македонија“ е чувство, порака и потсетник дека љубовта кон татковината не познава граници.

Петар и Тиана се доказ дека, без разлика каде се наоѓаме во светот, Македонија секогаш живее во нас.

Текстот го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: