Премиера

Музичка сензација: Марија Данева, „Стенд бај“ и Ѓоко Танески со нов експлозивен дует „Во твои раце“ (Видео)

На македонската поп сцена пристигна ново музичко изненадување. Поп-пејачката Марија Данева и бендот „Стенд бај“ објавија нов дует со Ѓоко Танески, насловен „Во твои раце“, кој уште со првото слушање привлече внимание кај публиката и музичката индустрија. Автор на музиката е Сашо Стојановски, додека текстот го потпишува Весна Малинова. Аранжманот и мастерингот се дело на Иван Петровски, создавајќи звук што балансира меѓу модерна поп естетика и емоционална баладичност.

„Песната како да е создадена за мене. Сè се случи многу спонтано и природно. Марија и бендот ме поканија и уште на првата проба знаевме дека имаме вистинска песна“, открива Ѓоко Танески, задоволен од заедничката соработка.

Во составот на „Стенд бај“ настапува Данева како вокал, Александар Авукатов е на бас гитара, Сашо Стојановски на тапани, а Дарко Спировски ја води мелодиската линија на гитара.

Marija Daneva & Stand By Feat. Gjoko Taneski - Vo Tvoi Race

За новиот проект е снимен и видеоспот во продукција на „Фокус филм“, режиран од Владимир Митревски – Ѓуле. Визуелизацијата, велат од тимот, го следи чувството на песната – искреност, динамика и љубов. Ова не е прв чекор на Данева во оригинално авторско музичко изразување. Во октомври 2024 година таа и „Стенд бај“ ја објавија својата дебитантска песна „Љубов“, која е одлично прифатена од публиката.

„Ништо не е случајно. Енергијата додека работевме беше неверојатна. Уште од снимањето на песната до последниот кадар од спотот – сè беше чиста позитивна вибрација“, вели Данева.

Со „Во твои раце“, музичарите испорачуваат емоционална приказна за љубов, доверба и сила, а новиот проект носи свежина, професионален пристап и идеја дека уште многу интересни изненадувања претстојат.

Текстот го подготви: Марија Поповска

Можеби ќе ве интересира: