Откако со песната „Лидија“ освои огромна публика и за само три месеци собра речиси два милиони прегледи, македонскиот музичар Јанг Дади повторно го привлекува вниманието со новиот сингл „Син на мама“, песна која уште при првото слушање освојува со заразниот ритам, а со видеоспотот носи и голема доза хумор.
Најголемото изненадување во видеото е инфлуенсерката Миа Костова, која се појавува во улогата на мајката на Јанг Дади. Таа будно ги следи и ги „тестира“ сите девојки што се обидуваат да го освојат срцето на нејзиниот син, создавајќи низа комични и забавни ситуации кои му даваат посебен шарм на спотот. Покрај Миа Костова, во видеото настапуваат и Тијана Скулиќ, Гала Поњавиќ, Елиана Христи, Јоана Делова и Марта Михајловски, кои со своите улоги дополнително ја збогатуваат динамиката на приказната.
Како и кај претходниот хит, Јанг Дади повторно се потпишува како автор на музиката, текстот и концептот на песната, додека за аранжманот, миксот и мастерингот повторно беше задолжен Андреј Ник, со кого продолжува успешната музичка соработка. Видеоспотот е реализиран во продукција на „Такат студиоз“, а режијата ја потпишува Генц Халими, кој преку современ и динамичен визуелен пристап ја претвора песната во вистинска мини-комедија.
„Син на мама“ има и дополнително значење во кариерата на Јанг Дади, бидејќи станува збор за неговиот прв музички проект објавен под етикетата на „Авалон“, со која неодамна започна официјална соработка. Паралелно со промоцијата на новиот сингл, Јанг Дади интензивно се подготвува за својот прв солистички концерт, кој ќе се одржи на 12 септември во спортскиот центар „Јане Сандански“, во организација на „Авалон“.
Според најавите, публиката ја очекува вистински музички спектакл – настап во живо со бенд, богата мултимедијална продукција, впечатливи визуелни ефекти и специјални гости од Македонија и регионот, музички соработници и пријатели кои биле дел од неговиот пат до успехот.
Текстот го подготви: Редакција Музика24
