Денес на официјалниот YouTube канал, познатиот македонски артист Тајзи ја промовираше најновата песна “Сине”, а воедно и видеоспотот за истата. Како што открива Тајзи за музичкиот портал Музика24, овој проект за него претставува круна на неговата десетгодишна кариера, а како што и самиот тој вели, последните спотови во режија на се популарниот македонски режисер Даниел Јовески изгледаат навистина светски.
Песната “Сине” е дело на еден од најдобрите македонски продуценти, Лазар Цветсковски, кој се погрижи за музичкиот дел, додека текстот е дело на самиот пејач, Тајзи.
“Спотот е вистинско мало ремек дело. Ќе ве наежи и ќе ве замисли во каква сурова реалност живееме и каква борба не чека во животот”, изјави Тајзи за неговиот најнов музички проект “Сине”.
Како што дознаваме, видеоспотот е снимен на повеќе локации во Македонија, Куклици во Кратово, тврдината Зебрњак, како и боксерски клубови од Скопје и Куманово. За да изгледа онака трансформирано во старец, за Тајзи се погрижи шминката на Андријана Станковска. Продукцијата Балкантон, чии ексклузивец е и нашиот артист, со гордост го најави неговото најново видео како нешто што ќе ги помести границите.
