Премиера

Со промоција Душко Горгиевски одбележа 20 годишен јубилеј

Со промоцијата на двојното цеде и едното двд издание, насловено “Свири ми, виолино”, пејачот, и адвокат, Душко Георгиевски го заокружи 20 годишниот јубилеј на македонската естрада, исполнет со многу настапи, награди и хитови. Промоцијата се одржа во ресторанот “Пелистер” во Скопје, пред бројни новинари, како и колегите од естрадата : Благоја Грујовски, кој ја имаше и улогата на конферансие, Благица Хаџи Павловска, Бади Бекир, Зуица Лазова, Наум Петрески, Бобан Мојовски, Зоран Џорлев, Бајса Арифова, Брaнко Попчевски, Горан Стојановски Гокси, авторот на “Свири ми, виолино” и други.

Цедеата и двд-то се во издание на “Мистер компани”, а на двојниот албум се сместени вкупно 26 песни, по 13 од секое, комбинација на стари, но и нови песни. Проектот е насловен според носечката песна, “Свири ми, виолино”, победничка песна на фолк фест “Валандово”, кога последно се одржа овој фестивал. На двд-то се наоѓаат видеозаписи снимани низ годините.

Песните на двојниот албум се поделени така што на едно цеде се ставени посентименталните теми, во карактеристичен изведувачки манир на Душко, а на второто се наоѓаат побрзите и повеселите песни. Зад овие песни како авторски потписници стојат Миле Барбаровски, Љупчо Павловски, Благица Хаџи Павловска, Борче Нечовски, Огнен Неделковски, Ѓорѓи Крстевски и други. Издавачот “Мистер компани” најави дека песните наскоро ќе можат да се најдат и на YouTube.

Подготви: Марија Поповска

Можеби ќе ве интересира: