Премиера

Тамара Волческа ја посвети песната „Ведро е” на својот внук (Видео)

Нова свежина и позитивна енергија на македонската музичка сцена донесе Тамара Волческа со најновиот сингл „Ведро е” песна што зрачи со топлина, искреност и љубов. Авторскиот тим е проверена формула на успех, текстот е дело на маестралната Весна Малинова, чиј поетски ракопис носи топлина и вистински човечки допир, додека музиката и аранжманот ги потпишува Дарко Тасев, со препознатливи мелодиски линии и современ звук што совршено ја следи емоцијата на Тамара.

„Беше љубов на прво слушање”, раскажува Волческа. „Не претпоставував дека токму оваа песна ќе ја најде својата светлина и ќе оживее на 40-тото јубилејно издание на Макфест. Тоа беше момент на чиста магија”, додава таа.

Иако јавноста ја познава по силните, емотивни и биографски песни со длабоки пораки, Тамара овојпат избра да ја покаже својата нежна, љубовна и ведра страна. „Ведро е” е животна филозофија и порака дека светлината секогаш постои, само треба да ја погледнеме.

„Сакав да им ја пренесам на луѓето мојата искрена радост, онаа чиста љубов која не бара ништо, само се дава. И во моментот кога ја снимав песната, почувствував дека ова сум вистински јас”, вели Тамара.

Во видео записот за „Ведро е”, снимен во природно и топло светло, Тамара го прикажува најчистиот облик на љубовта: оној помеѓу тетка и внук. Приказната ја слави безрезервната љубов и семејната блискост, каде секој поглед и насмевка има своја тежина и симболика. На крајот од видеото, стои посвета: „За едно срце што тивко бие, за наскоро најгласно да се смее”. Па додава: „Ако носам толку голема љубов за моите внуци, не можам ни да замислам колку ќе си го сакам своето дете”.

Настапот на Тамара на јубилејното 40-то издание на Макфест беше своевидна музичка приказна сама по себе. Во елегантна бела комбинација, симбол на чистота, искреност и нов почеток и со рачно исцртано сако во боите на сонцето, Волческа ја донесе на сцената својата вистинска суштина: светлина, топлина и ведрина. Публиката ја награди со аплауз и емоција, препознавајќи дека „Ведро е” не е само уште една песна, туку вистинска порака за љубов, живот и благодарност.

Можеби ќе ве интересира: