Македонската поп-пејачка Теа Трајковска ја претстави својата најнова песна „Карамела“, со која официјално го започнува патувањето низ својот нов миниалбум „Астро“ – концептуален музички проект во кој секоја песна е инспирирана од различен хороскопски знак.
„Карамела“ е првата станица од оваа музичка приказна и е посветена на вагата. Станува збор за песна што, според Теа, најдолго се создавалa и затоа токму таа е избрана прва да ја види светлината на денот.
„Карамела“ е првата песна од мојот нов миниалбум. Ја избравме затоа што е една од најспецифичните композиции на албумот, но и песна на која работевме најдолго“, открива Теа.
Текстот е нејзино авторско дело, додека музиката, аранжманот и продукцијата ги потпишува Лазар Цветкоски, со кого повторно создава современ поп-звук со препознатлив печат. Новата песна доби и впечатлив видеоспот во ретро-филмска естетика, режиран од Никола Наумовски, кој визуелно ја дополнува атмосферата и приказната што ја носи „Карамела“.
Миниалбумот „Астро“ ќе содржи четири песни, секоја инспирирана од различен хороскопски знак. Покрај „Карамела“, публиката ќе ги слушне и „Меѓу добро и зло“ (овен), „Ноќта нема крај“ (стрелец) и „Ми амор“ (девица). Со овој проект, Теа Трајковска не нуди само нови песни, туку создава музички концепт во кој емоциите, карактерите и симболиката на хороскопските знаци се преточени во четири различни музички приказни. Останува да видиме каква ќе биде реакцијата на публиката, но уште со првата песна е јасно дека „Астро“ е еден од поинтересните домашни поп-проекти што ќе бидат објавени оваа година.
Текстот го подготви: Редакција Музика24
