Балканленд

Del Arno Band прослави 40 години со спектакуларен концерт во Белград

Del Arno Band, најголемиот реге состав на овие простори, одбележа значаен јубилеј – 40 години постоење, со спектакуларен концерт во исполнетата Ботаничка градина „Јевремовац“ во Белград, во организација на продуцентската куќа Long Play. Јубилејната вечер беше збогатена со настапи на специјални гости, како и со присуството на бројни поранешни членови на бендот, кои по овој повод повторно се приклучија на Del Arno Band на сцената.

Точно во 20 часот започна музичкото патување низ четиридецениската кариера на групата, кое траеше повеќе од два часа. Концертот симболично започна со песни од првиот албум „Igraj dok te ne sruše“, а воведната инструментална тема „D.A.B. in dub“ продолжи со песните „Nije me strah“ и „Mi smo pošli“.

Во уникатниот амбиент на „Јевремовац“, публика од сите генерации уживаше во добро познатите реге ритми, а со изведбата на „Svakog dana reci hvala“ започна серијата од најголемите хитови на бендот. Предводникот и основач на Del Arno Band, Јован Матиќ, заедно со бројниот состав, изведе енергични верзии на безвременските песни „D.A.B. je tu da spaja“, „Reci deci“ и „Pesma“, кои одамна имаат култен статус на регионалната реге сцена. Посебен белег на вечерта даде меѓународно признатиот словенечки реге музичар Tadiman, кој ја изведе песната „Samo dalje“, додека големи овации предизвика и Hornsman Coyote, чија музичка кариера во голема мера е поврзана токму со Del Arno Band. Јован Матиќ го претстави како „нашето дете“, а нивната заедничка изведба на „Još uvek ima nade“ беше проследена со хорско пеење од публиката.

Ова е голем празник и за мене. Без овој бенд сигурно немаше да тргнам по овој музички пат“, изјави Hornsman Coyote.

Еден од најемотивните моменти на концертот беше изведбата на „Više nego život“, песна посветена на сите оние кои повеќе не се меѓу нас. Илјадници запалени светла од мобилните телефони создадоа незаборавна атмосфера. Во продолжение следуваа „Ova soba je čitav tvoj svet“, „Igraj dok te ne sruše“ и „Dim iz moje lule“, со кои заврши официјалниот дел од концертот. На бис беа изведени „Čamac na Tisi“, „Kad pero vagu preteže“ и традиционалната концертна кулминација „Treći svijet“, која донесе вистинска карневалска атмосфера.

Финалето беше резервирано за песната „Verujem“, кога на сцената, еден по еден, им се придружија бројни поранешни членови на Del Arno Band. Сите заедно симболично ѝ се поклонија на публиката, која ги награди со долготраен аплауз и овации. На самиот крај од концертот, Јован Матиќ со насмевка порача:

„Со здравје, се гледаме и на 50-тиот роденден“.

Со концерт исполнет со емоции, енергија и безвременски реге ритми, Del Arno Band уште еднаш потврди зошто веќе четири децении важи за еден од најзначајните и највлијателни музички состави на просторите на поранешна Југославија.

Текстот го подготви: Редакција Музика24

Фото: Немања Ѓорѓевиќ

Можеби ќе ве интересира: