Премиера

Victor de Rut – македонец во Норвешка кој што ја претставува и промовира македонската музика (Видео)

Во нашата рубриката “Премиера” со посебно задоволство и чест Ви го претставуваме нашиот македонски музичар, професор по гитара и изведувач Виктор Пешчеров кој потекнува од Штип, но од декември 2018-та година живее и работи во Норвешка.

Како што и самот вели за музичкиот портал Музика24, со музика се бави од мали нозе, а од 7 годишна возраст започнал за учи свирење гитара од татко му кој пак е самоук музичар. Потоа музичкото образование го продолжува во нижото музичко училиште во Штип, а потоа истото го продолжува во средното музичко од каде пак се запишува на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Во текот на музичкото образование Виктор се здобива со низа интернационални награди кој ги добива учествувајќи на натпревари по класична гитара. Тој во истовреме одржува и солистички концерти низ Македонија.

“Дојден сум во Норвешка декември 2018-та година. Купив карта во еден правец неколку дена после дипломскиот концерт во Скопје. Тука сум вработен како професор по класична гитара, и во меѓувреме држам приватни часови гитара и настапувам по локали – вокал и гитара. Како сценско име го користам Victor de Rut и тука сите ме знаат и препознаваат како таков. Пред 2 години започнав проект со свои аранжмани на македонски песни за соло гитара со кои што концертирам и има многу позитивна реакција кај публиката. Нашите ритмови и начинот на изведба (со loop педала) им се допадна многу”, вели за Музика24 младиот македонски музичар од Норвешка.

Во продолжение, погледнете како Виктор свири македонска музика далеку од родниот крај:

Подготви: Александра Блажевска

Можеби ќе ве интересира: