Култниот македонски рок бенд „Мизар“ на 3 април ќе одржи концерт во Скопје, во концертната сала на Македонската филхармонија, со почеток во 20 часот, во организација на продукција Авалон. Настанот се најавува како интимна музичка вечер, во која публиката ќе има можност да ги слушне најголемите хитови на бендот, но и да доживее посебна атмосфера во една од најдобрите концертни сали во земјава.
Од Авалон најавуваат дека концертот ќе има и специјални гости, музичари кои во изминатите 45 години на различни начини биле дел од приказната на „Мизар“ и оставиле свој белег во развојот на бендот.
„На концертот ќе се придружат специјални гости и музичари кои во изминатите 45 години имале свој удел и оставиле значаен белег во приказната на ‘Мизар‘“, велат од продукцијата.
Бендот во моментов повторно е во фокусот на јавноста со новата песна „Вардар е Стикс“, која деновиве привлече внимание кај љубителите на алтернативниот и рок звукот. Влезниците се веќе пуштени во продажба преку платформите avalonbooking.mk и karti.com.mk, по цена од 1.200 и 1.500 денари.
Се очекува ова да биде уште една значајна музичка вечер за скопската публика, во која ќе се спојат традицијата, емоцијата и препознатливиот звук на еден од највлијателните бендови во македонската рок историја.
