Легендата на балканската рок сцена, Момчило Бајагиќ – Бајага, ќе го одржи својот единствен концерт во Македонија оваа година и тоа на 27 јули (сабота) на Ракометното игралиште во Битола, со почеток во 21:00 часот. Настанот го најави концертната агенција „Авалон“, која стои зад организацијата.
По успешниот концерт во Скопје во декември 2023, со кој го одбележа јубилејот – 40 години кариера, како и настапот во март 2024 во чест на 40 години од издавањето на првиот албум, Бајага се враќа во Македонија со спектакл под отворено небо. Овој концерт во Битола ќе биде ексклузивна можност фановите да уживаат во хитовите како „Moji drugovi“, „Plavi safir“, „442 do Beograda“, „Zažmuri“, и многу други.
Бајага (65) започнал со музика на само 14 години како дел од групата „ТНТ“, а подоцна се прославил како дел од „Рибља чорба“, каде што заедно со Бора Ѓорѓевиќ ги компонира најголемите хитови на бендот. Во 1984 година ја напушта групата и ја основа „Бајага и инструктори“, со која остава длабока трага во музичката историја на целиот регион.
Минатиот месец, Бајага беше специјален гостин на двата концерта на Влатко Стефановски во Филхармонијата – уште еден доказ за неговата трајна поврзаност со македонската публика.
Влезниците за концертот се веќе во продажба преку avalonbooking.mk, по цена од 900 денари. Бројот на билети е ограничен, а интересот е огромен – резервирајте навреме и бидете дел од летната рок магија во Битола.
Подготви: Андреја Андреевиќ
