На 25-ти февруари, во сабота во Домот на АРМ, со почеток во 20 часот големата балканска етно ѕвезда Биља Крстиќ заедно со нејзиниот “Бистрик оркестар” ќе одржат концерт на кој ќе го промовираат својот најнов албум “Свод”. Исто така, концертот е и по повод одбележување на 15 години јубилеј на сцена на Биља Крстиќ и “Бистрик оркестар”. Инаку, најновиот проект “Свод” веќе има и англиско издание (Arc Music) а музиката од истиот е веќе на плеј листите на BBC и многу други светски канали. Јавноста може да го види и спотот за песната “Димитријо, сине Митре” во кој заедно со Биља се појавуваат и голем број актерки од Србија. Исклучително емотивна песна, а експресиите и интерпретацијата најавуваат албум кој Биља Крстиќ и “Бистрик оркестар” ќе ги воведат во нова фаза на успешна работа и нови позитивни остварувања. Биља Крстиќ е родена ви Ниш, а има и македонско потекло.
Долги години е на сцената, на почеток со групите “Сунцокрет” со Бора Ѓорѓевиќ и “Рани Мраз” со Ѓорѓе Балашевиќ за подоцна да заплови во етно водите и заедно со Бистрик да работат и творат во последниве 15 години. Позната е по голем број отпеани македонски песни а особено со соработката со Тоше Проески со кого ја испеаа “Јовано Јованке”. Поради бројните настапи ширум светот (само што се вратија од САД) ретко настапува во Македонија, па така овој концерт е навистина исклучителна можност за преслушување и уживање во етно звуците од овие балкански простори. Ќе имаме можност да слушнеме изведби на српски, македонски, влашки песни, како од претходните така и од новиот материјал што излезе пред само еден месец. Концертот е во организација на Баги Комуникации а влезниците се веќе пуштени во продажба на сите продажни места на Купи карти за се, како и онлајн на www.kupukartizase.mk .
Подготви: Андреја Андреевиќ
