По долго најавување и нетрпеливо очекување, вчера вечер се случи концертот на Блаж Маротов, кој ја преполни малата сала на Македонската филхармонија. Точно во 20 часот, со првите акорди на прекрасната балада „Магдалена“, Маротов го отвори романтичниот концерт кој веднаш создаде интимна и емотивна атмосфера.
Публиката топло и со огромно воодушевување го дочека секој нов тон. Блаж Маротов, благодарен за присуството на сите љубители на неговата музика, емотивно им се обрати велејќи дека оваа вечер ќе остане запаметена како мал дел од историјата на македонската музика.

Посебен момент на концертот беше претставувањето на оркестарот што го придружуваше, во кој значајно место имаа неговите два сина, Бојан и Гоце, како и снаата Лена, која со нејзиниот пратечки вокал придонесе за топлината на целата вечер.
Како прв гостин на концертот се појави младиот Иван Кукиќ, синот на познатиот фолк-двоец Ленче и Горан Кукуќ. Маротов и Кукиќ заедно изведоа акустична верзија на легендарната песна „Од љубов не се бега“ од Васил Хаџиманов, која ги разнежни сите присутни и предизвика долг и искрен аплауз. Концертот продолжи со низа авторски композиции од Маротов, по што следуваше уште еден емоционален врв – интерпретација на култните хрватски песни „Није хтела“ и „Без тебе“ од незаборавниот Оливер Драгојевиќ. Маротов уште еднаш ја покажа својата исклучителна емоционалност и почит кон регионалните музички великани.

На сцената потоа му се придружи вториот гостин на вечерта, Перо Христов. Заедно ја отпеаја песната „Сношти не беше тука“, а веднаш потоа Христов ја крена публиката на нозе со својот хит „Ангелино“, создавајќи еуфорична атмосфера во салата.


За крај на оваа прекрасна музичка приказна, Блаж ја повика на сцената својата сопруга Јуле Маротова. Иако скромно напомена дека е настината, не ја одби поканата да ја сподели последната песна со својот сопруг. Нивната заедничка изведба, исполнета со љубов и поддршка, беше совршен начин да се затвори оваа незаборавна вечер.

Иако концертот не помина без ситни технички предизвици, сепак, тие воопшто не влијаеја на вкупното прекрасно доживување. Вечерта остана запаметена како една од најубавите музички приказни на годината.
По завршувањето на концертот, Блаж Маротов ексклузивно за музичкиот портал Музика24 изјави:
„Од вчерашниот концерт сум презадоволен. Видов многу млади и насмеани лица во публика, земајќи во предвид дека се работи за авторска музика. Мислам дека концертот помина добро. Повеќето од песните што ги изведов се мое авторство. А наскоро подготвуваме исто ваков голем концерт и во Струмица,“ изјави Маротов видно емотивен и задоволен.
Со вакви спектакуларен концерт, Блаж Маротов докажа дека искрената музика и љубовта кон публиката се најголемите сили кои создаваат моменти што се паметат цел живот.
Подготви: Иван Јосимовски
Фото: Музика24
