Како што дознава музичкиот портал Музика24.мк, на 16-ти фебруари во Македонската филхармонија со наслов „Севда“ еден од најбараните и најпознати машки вокали на Балканот и пошироко, големиот Божо Вречо, ќе одржи целовечерен концерт за македонската публика, своите обожаватели и сите оние кои го сакаат, почитуваат и слушаат.
Инаку, тој на 1-ви ноември минатата година требаше да одржи концерт во Скопје, но како што тогаш не информираа организаторите, истиот беше одложен поради технички причини. Се надеваме и искрено веруваме дека тоа нема да се случи и овој пат, знаејќи дека на овој концерт Божо најави неколку гости со кои соработува години наназад.

Една од причините поради која и не смеете да го пропуштите овој ексклузивен концерт, е и тоа што истиот ќе биде придружуван и од оркестарот на Македонската филхармонија, а како диригент на концертот ќе се појави младата Дијана Имери Илкоска чии љубовни песни од Балканот, кои се всушност и дел од програмата, се во нејзин аранжман.
„Жуте дуње“, „Да зна зора“, „Ко ли ночас милује ти косу“, „Кажи, кажи либе Стано“, „Ајде дали знаеш, паметиш Милице“, „Севда“, „Што те нема“… се само дел од песните кои Божо Вречо заедно со Васил Хаџиманов и оркестарот на Македонската филхармонија ќе направат токму таа вечер да ја поминете прекрасно и долго време да ја паметите.
Картите за овој неповторлив и ексклузивен концерт можете да ги набавите во билетарницата на Македонската филхармонија.
