Директорката на Центарот за култура – Битола, Маја Андоновска – Илијевски, денеска пред јавноста ги претстави плановите и програмата на Центар за култура – Битола за оваа година.
Центарот за култура оваа година и покрај скратениот буџет доби добра основа за организација на квалитетни настани. Од музичко-сценската област поддржани се: „Новогодишен концерт 2023“, „Засекогаш во срцата“, концерт на бендот Џез Вез „Извезено со љубов“, Вечер со Крсте Роџевски, „Концерт на филмска музика“, „Концерт „ЕТНО СИМФОНИЈА“ 20 години професионална дејност на Благојче Трајковски, „Пепелашка“ детска балетска претстава, 15-ти Фестивал на музика од светот, „Издавање на носач на звук со наслов: “ГЛАСОТ НА ВЕЧНАТА ЉУБОВ“ Македонски музички бисери изведени на кларинет Солист: Стојан Трајковски“, „15-ти по ред Семинар за традиционална музика и игра”, „53-ти Републички фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“. Исто така поддржани се и повеќе ликовни изложби, а ќе има и конкурс за избор на монодрами.
Во делот на инвестиции во објектот добиени се средства за изолација на клима комора и набавка на клима уреди за ладење и греење на Мала сала.
Освен за годишната програма на прес конференцијата беа најавени и првите два големи настани најавени за февруари и март кои ја очекуваат битолската публика. Утревечер и сабота во Центарот за култура се закажани два концерти „Засекогаш во срцата“, а на 3-ти март во Битола со својот бенд гостува популарниот српски актер Иван Босиљчиќ. Камерниот оркестар и Центарот за култура и овој пат за концертот „Засекогаш во срцата“ отстапија поголем простор за македонските изведувачи, а особено за битолските, кои доминираат како вокални интерпретатори на концертот посветен на Тоше и Пепи Бафтировски. За двата настани владее огромен интерес, освен публика од Битола веќе има резервации на билети од Скопје, Велес, Охрид и други градови.
Како што кажа Андоновска-Илијевски, концертот на Иван Босиљчиќ се подготвува од пред пандемијата, а е на барање на публиката која во огромен број искажала интерес токму за Босиљчиќ на анкета која ја спроведе Центарот за култура.
Фотограф: Диоген Хаџи-Коста Милевски
