Во прв ред

„Црвена јабука“ со јубилеен концерт во Скопје – 40 години музика, љубов и спомени

Легендарниот сараевски бенд „Црвена јабука“ ќе го одбележи четириесетгодишниот јубилеј со голем концерт во Скопје, кој ќе се одржи на 29 ноември во арената „Борис Трајковски“, со почеток во 21 часот. На прес-конференција во македонската престолнина, фронтменот Дражен Жериќ – Жера изјави дека е среќен што нивната музика и по четири децении ги поврзува генерациите.

„Без оглед на овие нови трендови, тинејџерите се исти и во 1980-тите и во 2025. Јас сум старомоден човек кој верува во емоциите кои луѓето ги доживуваат на концертите. Првиот бакнеж на некоја од нашите песни е прв бакнеж и во 1986 и во 2025. Спомените што ги имаат луѓето на нешто убаво што се случило додека ги слушаат нашите песни е ист и тогаш и сега“, рече Жериќ.

Во јуни годинава, „Црвена јабука“ настапи во салата „Олимпија“ во Париз, еден од најпознатите европски концертни простори.

„Концертот во Париз помина одлично. Имаше и Французи кои не знаеја ништо за нашата музика и многу малку за Балканот, но еднакво се забавуваа како нашите луѓе таму“, изјави Жериќ.

Жериќ вели дека Македонија му е посебно блиска, уште од младоста:

„Македонскиот народ го засакав кога имав 18 години затоа што е сличен со нас Босанците. Имате широко срце, сакате скара и чорба исто како мене. Јас не сум љубител на овие нови, фенси јадења“, се пошегува тој.

Со тага се присети и на својот пријател Халид Бешлиќ, кој неодамна почина:

„Тажно и болно е што Халид веќе го нема. Тој беше добар за сите други освен за него, исто како Кемал Монтено. Тоа беа луѓе со широко срце и душа, какви што денес се ретки“.

Иако живее во Загреб со сопругата и ќерките, Жера вели дека Сараево секогаш му останува во срцето.

„Драго ми е што во Сараево имав од кого да учам – Здравко Чолиќ, ‘Бијело дугме’, Даворин Поповиќ… нивните совети и денес ги паметам“, рече пејачот.

Менаџерот Кристијан Стефановски од продукцијата Прагма, која го организира настанот, нагласи дека концертите на легендарни групи се меѓу најзначајните во нивната програма:

„Кога работиме концерти на групи кои слават јубилеј, основани уште пред да се родиме, тие секако се едни од нашите најважни и најпосебни“, рече Стефановски.

Долгогодишните фанови, но и новата генерација љубители на добра музика, ќе имаат ретка прилика да ја почувствуваат магијата на „Црвена јабука“ во живо, на концерт кој ветува многу емоции, носталгија и чиста љубов – токму како што публиката ги сака веќе четири децении.

Текстот го подготви: Влад Петров

Можеби ќе ве интересира: