Во прв ред

Дали конечно после празниците ќе ги гледаме “Ѕвездите на Гранд” на Сител телевизија?!

Неодамна трагајќи по информацијата зошто и која е причината што се прекина емитувањето на емисиите на Гранд продукција во Македонија, ја започнавме приказната за и околу (не)емитувањето на емисиите “Ѕвездите на Гранд” и “Никогаш не е доцна” на Канал 5 ТВ.

По објавувањето на интервјуто со директорот на Канал 5 ТВ, Иван Мирчевски кое речиси сите медиуми го пренесоа, Директорот на Канал 5 Иван Мирчевски искрено открива: Гранд продукција нелегално го раскина договорот со Канал 5, и сакајќи да дојдеме до конкретната информација, побаравме и се обидовме да исконтактираме со втората страна која што често беше споменувана од чаршиските муабети, а тоа во конкретниот случај беше Сител ТВ.

И покрај смс пораката, многубројните телефонски обиди да стапиме во контакт со програмскиот уредник на Сител ТВ, Игор Мурговски, сепак од него не добивме ниту одговор ниту пак смс порака или повратен повик кога да се јавиме и слично. Дали можеби Мурговски нешто знае што не смее да го пренесе на јавноста и зошто упорно се крие од нашата новинарска екипа? Дали можеби Сител тв веќе има потпишано или пак идниот период ќе потпише договор за емитување на емисиите на Гранд продукција?

А во меѓувреме пак додека од Сител молчат, се огласи директорот на Канал 5, Иван Мирчевски, кој за Музика24 го изјави следното:

“Доколку Сител или некоја друга ТВ станица во Македонија започне со емитување на некоја од емисиите на Гранд продукција, која неосновано го раскина договорот со Канал 5 ТВ, ќе поднесеме соодветен кривичен поднесок за ТВ пиратерија и барање за времена мерка, но истовремено ќе го провериме и ангажманот на македонските изведувачи кои учествуваа на аудицијата во Канал 5 ТВ со кои потпишавме договори/изјави. ТВ Сител доби од нашата адвокатска канцеларија допис “предупредување со укажување” во кој им ги посочивме сите евентуални правни последици во кои најмалку сакаме тие да “влетаат”, пред се затоа што ни се пријателска ТВ компанија и дел од ММА”, вели Иван Мирчевски во дописот испратен до Музика24 и додава:

“Канал 5 ТВ собра голем број на материјални докази за дел од поврзаните лица на Јунајтед Медиа и истите беа проследени до АВМУ, а нивните советниците пак едногласно изгласаа дека поради постоење на сомнеж за илегално реемитување на фирмата ЕОН ТВ од Кипар преку ОТТ платформа (членка на Јунајтед Медиа) на делови од нашата програма ширум светот, АВМУ треба повторно, како и во случајот со Тотал ТВ, да се обратат до одделението за организиран криминал при МВР. Во моментов покрај подготовката за заеднички прес со надлежните министерства и Владата, се подготвуваат и закажуваат пресови во Белград, Загреб и Лондон, поради заштита на нашите права но и поради сомнежите за организирана ТВ пиратерија, која доколку се докаже пред македонските институции, верувам дека ќе се отвори сериозна “пандорина кутија” за ТВ пиратеријата која се случува низ целиот свет преку дел од ОТТ, но и огромен дел преку нелегални IPTV платформи.

Жално е, во 21 век, “реваншизмот” да биде начин за надминување на проблемите кои сигурно ние не сме ги предизвикале. Но Канал 5 ТВ нема да дозволи да биде максимално и финансиски и интелектуално оштетен од една корпорација, ма колку голема и моќна била истата. Вистината е на наша страна!”, завршува Мирчевски.

И додека ја чекаме разрешницата на целата оваа ситуација, јасно е дека најоштетени се нашите натпреварувачи и македонски претставници во емисиите “Ѕвездите на Гранд” и “Никогаш не е доцна”. Тие ниту имаат масовна поддршка, гледаност, ниту пак фанови, а од друга страна пак, добиваат правни закани дека можат да бидат гонети доколку бидат емитувани на друг македонски тв канал. Дали ќе му се најде крај на овој горделиев чвор останува да видиме во Новата 2023-та година каде грандовите емисии ќе останат една од желбите на македонската публика.

Можеби ќе ве интересира: