Неодамна Мaкедонскиот Народен Театар во Скопје беше исполнет до последно место, а македонската публика концертот на Давид Темелков го опиша со зборовите – спектакл, магија и емоција. Двочасовниот концерт започна со магичен вовед во песната „Слушај животот штом диктира”, посветена на жртвите од пожарот во Кочани, по што следеше минута молк во знак на почит. Потоа започна магијата. Стоечки овации неколку пати во текот на концертот. Емоција до последен атом!
Публиката ја истакна и целокупната изведба како „професионална, достоинствена и елегантна”, а односот на Давид кон публиката како топол, пријателски и магичен – “Како да сакаше сите да не прегрне и да ни заблагодари” беа дел од зборовите на публиката.
Се редеа хитовите, негови, наши, забавни, народни, светски, безвременски!
Посебна атмосфера донесоа македонските народни песни и настапот на културно-уметничкото друштво „Јонче Христовски”, додека сцената за време на „Седам ночи, седам дана” го оживеа духот на скопските кафеани. Финалето со „Мојата Македонија” ја крена целата сала на нозе, а публиката со овации и аплауз не дозволи концертот да заврши без бис.

„Оваа вечер засекогаш ќе ја носам во срцето. Ви благодарам за љубовта и поддршката – Македонијо, ти благодарам”, порача Давид.
Многумина од публиката порачаа дека вакви моменти не се само концерт, туку вредност и потсетник на богатството кое Македонија го има во своите уметници.
Фото: Фросе Левковска
