Глобалната проштална турнеја на легендарните Deep Purple ќе помине и низ Скопје – и тоа за последен пат. Еден од највлијателните рок-бендови во историјата ќе настапи на 11 октомври 2026 година во арената „Борис Трајковски“, соопштија од „Авалон интернешнл букинг“.
„Задоволство ни е да споделиме дека еден од најважните проекти во светската музичка индустрија во следните години – планетарната проштална турнеја на Deep Purple – доаѓа во Скопје. Голема чест е што нашиот град доби датум на овој историски циклус и што публиката ќе ги слушне за последен пат во живо“, велат од Авалон продукција.
Со милионски тиражи, антологиски албуми, безброј концерти и непрекосновено влијание врз рок музиката, Deep Purple одамна се запишани меѓу гигантите на светската сцена. Македонската публика ќе има ретка можност уште еднаш да ги слушне нивните безвременски хитови, меѓу кои и „Hush“, „Highway Star“, „Smoke on the Water“, „Lazy“, „When a Blind Man Cries“, „Black Night“, како и неколку композиции што ретко се дел од нивниот современ сет.
Влезниците ќе бидат достапни од петок, 21 ноември, од 10 часот наутро – онлајн на avalonbooking.mk и во продажната мрежа на karti.com.mk. Деталите за цените и категориите ќе бидат објавени наскоро.
Бендот ќе настапи со својата препознатлива голема продукција, со врвен звук, светло и видео, како дел од спектаклот што ќе го претставуваат низ целиот свет – и што Скопје ќе го доживее за последен пат.
Текстот го подготви: Влад Петров
