Како што неофицијално дознава музичкиот портал Музика24 од извори блиски до организаторите, легендарниот сараевски кантавтор ќе го заокружи овогодишното издание на Штипската Пастрмалијада со концерт за паметење – спектакл што ќе го трансформира Градскиот стадион во Штип во вистинска музичка арена.
Организаторите не кријат дека станува збор за досега најамбициозниот проект во рамки на оваа гастро-културна музичка манифестација, која од година во година го зголемува својот музички калибар. Подготовките се веќе во полн ек – ќе се постави масивна бина, сценски дизајн инспириран од најголемите европски фестивали, светлосна продукција од врвна класа и професионално озвучување какво што се користи на концертите на најголемите светски ѕвезди.
“Нашата цел е јасна – да ѝ подариме на публиката вечер што ќе се памети. Дино Мерлин не е само музички артист, тој е емоција, спомен, универзален јазик на Балканот. Штип заслужува ваков настап, а ние сме подготвени да го направиме реалност”, велат за Музика24 од организациониот тим.

Очекувањата се дека настанот ќе собере илјадници фанови од сите краишта на Македонија, но и од соседните земји. Концертот ќе биде кулминација на Штипската Пастрмалијада, а репертоарот ќе вклучува некои од најголемите хитови на Мерлин – од безвременските „Jel’ Sarajevo gdje je nekad bilo“, „Kad si rekla da me voliš“ и „Supermen“, до поновите музички бисери кои веќе се пеат низ целиот регион.
Покрај големиот концерт, овогодинешната Пастрмалијада ќе понуди и богата музичка програма со настапи на македонски и регионални изведувачи, традиционални специјалитети – пред сè пастрмајлија во сите можни варијанти – како и урбана културна содржина, базари и изненадувања за сите генерации.
Точниот датум на настапот на Дино Мерлин, деталната програма на манифестацијата и имињата на останатите изведувачи ќе бидат објавени наскоро – ексклузивно на Музика24.
Едно е сигурно – Штип оваа есен ќе биде музичкото срце на Балканот!
Подготви: Иван Јосимовски
