Во четвртокот, 22-ри мај, во Универзалната сала Кралицата на ромската музика Есма Теодосиевска го прослави својот јубилеј – 55 години од својата музичка кариера, а воедно со овој концерт и ја заокружи регионалната турнеја која стартуваше во Загреб. Во исполнета сала, со песната “Зошто си ме мајко родила”, Есма го започна јубилејниот концерт, а веднаш потоа им се заблагодари на сите присутни кои дојдоа заедно со неа да го прослават нејзиот голем јубилеј.
“Ги поздравувам сите присутни, сигурна сум дека тука има и многу функционери, но овој пат ќе пеам за народот, бидејќи јас излегов од народот”, рече Есма и продолжи да ги забавува присутните со своите песни.
“Чекај животе”, “Ибрахим”, “Свадба македонска”, “Џелем, џелем”, “Мангава тут”… беа само дел од песните кои што Есма ги отпеа пред своите обожаватели и фанови. Како нејзини гости на сцената, како што веќе претходно пишувавме, се појавија Садан Сакиб и Елеонора Мустафовска кои испеаа песни од својот репертоар. За време на концертот, Есма беше придружувана од оркестарот “Amazing Romas from Macedonia”, со кој раководи нејзиниот син Симеон Атанасов.
Таа за време на концертот се пресоблекуваше три пати, како што изјави ексклузивно во интервјуто за Музика24, во првиот дел беше облечена во раскошен фустан со златна боја, во вториот дел беше облечена во традиционална ромска носија и во третиот и последен дел од концертот, Есма беше облечена во совршено одличен зелен фустан. Таа за момент кажа дека таа е всушност првата која во Македонија и на овие простори прославува 55 години успешна музичка кариера со одржани илјадици концерти во повеќе од 30 земји.
Подготви: Иван Јосимовски
Фото: Јасна Суша
