Израелската ѕвезда Јасмин Леви повторно ќе настапи во Скопје – на 17 октомври во Македонската филхармонија. Веста ја објави самата пејачка на својот официјален фејсбук профил, потврдувајќи дека македонската публика ќе има можност уште еднаш да ја доживее нејзината магија.
„Скопје, среќна сум што се враќам! Вашата љубов, вашата енергија, сѐ уште ги носам со себе. Да се сретнеме повторно на 17 октомври за уште една незаборавна вечер“, напиша Леви во објавата, која веднаш предизвика голем интерес кај нејзините обожаватели.
Јасмин Леви е родена и израсната на Блискиот Исток, каде од најмала возраст ја впива музичката разноликост на регионот – од класична музика и џез, па сè до автентичните ориентални звуци. Таа умешно ги спојува овие влијанија со шпанските ритми и фламенко, создавајќи препознатлив стил што ја издвојува на светската музичка сцена. Нејзиниот вокал, полн со страст и емоција, ја освои скопската публика во април годинава, кога концертот во Македонската филхармонија беше целосно распродаден. Со оглед на тоа искуство, очекувањата за новиот настап се големи – уште една вечер исполнета со фламенко, латински ритми и моќна интерпретација.
Инспирирана од великани како Лучано Павароти, Едит Пјаф, Били Холидеј и фламенко легендата Антонио Молина, Леви изгради уметнички свет во кој се преплетуваат традицијата и современоста. Повеќето од нејзините песни се на шпански јазик, а нивниот интензитет и длабочина ја прават нејзината музика универзално разбирлива и блиска.
Во пресрет на скопскиот концерт, Јасмин Леви ќе настапи во Хамбург, Германија на 24 септември, а веднаш по настапот во Македонија ја очекува концерт во Берлин на 19 октомври 2025 година.
Со најавата за овој нов настап во Скопје, љубителите на музиката можат да се подготват за уште едно патување низ емоции, фламенко магија и автентичен израз, кој веќе еднаш ја освои македонската публика.
Текстот го подготви: Иван Јосимовски
