Во прв ред

“Галија” одржаа голем акустичен концерт во Хераклеа (Фото+Видео)

Легендарниот српски рок состав “Галија” на 3-ти септември за прв пат во земјава одржа акустичен концерт, под насловот “Акустично како некогаш“ во античкиот театар на Хераклеа. Публика од  сите генерации. Од Битола, околината, но и цела Македонија дојде да ужива во незаборавните хитови на “Галија”.  Сите присутни на прописна дистанца и под маски во еден глас ги пееа  песните од четиридецениската кариера на “Галија”.

Феноменалната екипа музичари на чело со Ненад Милосављевиќ – Неша Галија, и овој пат приреди незаборавна вечер за својата верна публика. Хитовите на познатите нишлии се нижеа. “Ноќ“, “Додирни ме“, “Скадарска“, “Дали си спавала“, “Дигни руку“, “Зонина песма“ итн. Но и после речиси два часа квалитетна музика, публиката беше желна за уште, па ги врати Неша и екипата на бис.

Концертите под наслов “Акустично како некогаш“ почнаа да се одржуваат кон крајот на минатата година во Белград и Нови Сад, а после речиси четвртина век од познатиот концерт на Бадник, 1995 година. Идејата за ваков концерт на оваа локација е стара речиси три години иако Фронтменот на “Галија”, Неша, е чест и драг гостин во Македонија.

Организаторот на концерот “Сцена продукција” со подршка на покровителот на концерт – Општина Битола и спонзорите Казино Адмирал и печатница “Киро Дандаро” кои како општествено одговорни компании го подржаа одржувањето на концертот, дадоа пример како треба да се организира концерт во пандемиски услови.

За Музика24 од Битола: Филип Етмишовски
Фото: Музика24/ Стојан Стојановски – 2S студио (дрон)

Можеби ќе ве интересира: