“Гоце фест” фестивалот за нови родољубиви и патриотски македонски песни објави конкурс за прием на нови песни за 25-то јубилејно издание. Организаторите велат дека авторите што ќе конкурираат, треба да ја имаат предвид карактеристичноста на македонската фолклорна мелоритмика како и богатото историско минато на македонскиот народ. И при тоа наведуваат дека пожелно е да се опејуваат теми поврзани со антифашистичката борба и 70-годишнината од одржувањето на Првото заседание на АСНОМ.
Kонкурсот е отворен до 15-ти ноември. Секој може да пријави најмногу три песни за кои е потребно да достави нотен запис, напишани стихови и демо-снимка. Со испраќањето песни на конкурсот, авторите му го отстапуваат правото на организаторот, песните да ги аранжира, печати, првпат јавно да ги изведува, да ги сними на носачи на звук и слика и сите овие права, или некое од нив поединечно, да ги пренесе на трети лица. Организаторот исто така има право преку своите стручни комисии, да изврши мелодиски, ритмички, хармонски и текстуални корекции.
Подготви: Викторија Трајковска
