По многубројните културни настани кои се случија во Македонска Каменица во изминатиов период, Општина Македонска Каменица и Културно-информативниот центар “Романса” организираат спектакуларен концерт на големата македонска музичка ѕвезда, Каролина Гочева.
Годинава Културно-информативниот центар “Романса” од Македонска Каменица, со огромна поддршка на општината и градоначалникот Дарко Митевски, организираше низа културни настани. Настапија Весна Петрушевска и Сашко Коцев со нивните стенд ап шоу-а, беа прикажани многу врвни театарски претстави, организирани се неколку конкурси и сл. Во претстојниот период ќе бидат прикажани театарските претстави “Шашардисани времиња” на Велешкиот народен театар “Џинот” и хит претставата “Не се клади на Енглези” на Македонскиот народен театар.
На 24-ти мај, пак, е закажан спектакуларен концерт на Каролина Гочева кој ќе се случи на на Градскиот плоштад во Македонска Каменица.
“Каролина во Македонска Каменица ќе настапи со комплетен бенд, на огромна бина, со аудио и визулени ефекти кои долго ќе се паметат. Општина Македонска Каменица и Културно-информативниот центар ги покануваат сите фанови на Каролина да бидат дел од овој настан”, рече изјави Васко Десподовски, ВД Директор на КИЦ “Романса” Македонска Каменица. По концертот на Каролина, во Македонска Каменица ќе се одржат уште неколку огромни културни манифестации. Така, на 1-ви јуни 2014 е најавена “Бабина баница 2014”, која е во организација на Здружението на пензионери од Македонска Каменица и Општина Македонска Каменица и се одржува на манастирско-туристичкиот комплекс “Еленец” во село Цера. На 20-ти и 21-ви јуни ќе се одржи Баскерфест 2014, а за почетокот на јули се најавува огромен DJ’s happening со кој ќе биде отворена најголемата културна манифестација во Источна Македонија, Каменичко Културно Лето 2014.
Подготви: Маргарита Робевска
