Во прв ред

И оваа година многу познати музички имиња и традиционален саем на малешевски производи од 23-ти до 25-ти август во Берово (Фото)

Како што дознава музичкиот портал Музика24, од 23-ти до 25-ти август во Општина Берово ќе се одржи традиционалната манифестација „Етно Плоштад Фестивал“ во чии рамки ќе се одржи и саемот на традиционални малешевски производи „Малешевијата на дланка“.

Организаторот, Општина Берово најавува и ветува одлична тридневна забава со голем број на музичко-забавни артисти кои ќе ја забавуваат присутната публика и сите добронамерници кои ќе бидат дел од оваа традиционална манифестација.

На 23-ти август (петок) на фестивалкската сцена ќе настапат голем број на културно уметнички друштва, КУД „Димитар Беровски“, КУД „Љубомир Ивановиќ Ѓеџа“ и етно група од градот Брус од Србија, културно уметнички друштва од збратимени општини. Свој настап ќе имаат и Здружението на пензионери од Берово, како и дечињата од детскиот музички фестивал „Малешевско ѕвонче“. А вечерта ќе заврши со познат DJ.

24-ти август (сабота) „Етно Плоштад Фестивал“ ќе започне со концерт на Камерниот оркестар од Битола со „Македонската рок симфонија“ каде на сцената ќе настапат: Дани Димитровска, Ружица од групата „Ареа“, Јасна Димитровска, Ана Петановска како и Сашо Паркет. Музичко-забавната програма потоа ќе продолжи со концерт на познатата македонска група „ДНК“ и настап на локалната безвременска беровска група „Штекица“.

И последниот фестивалски ден, 25-ти август (недела), на фестивалската сцена на градскиот плоштад „Димитар Беровски“ ќе настапат Филип Пецовски (од Ѕвездите на Гранд), Ангел и Иван и големата балканска ѕвезда Јелена Розга.

Општина Берово веќе започна со одбројување до почетокот на годинешната традиционалната манифестација „Етно Плоштад Фестивал“. Доколку сакате добра и квалитетна музика, одлична и незаборавна забава и многу вкусни малешевски специјалитети тогаш овој настан е вистинското место за вас и вашите најблиски.

Берово нека биде вашата следна дестинација!

Можеби ќе ве интересира: