По повеќе од три децении очекување, култниот австралиски музичар Ник Кејв конечно ќе настапи во Скопје. Настанот е најавен како концерт што нема да биде само уште една вечер со музика, туку вистинско искуство исполнето со темнина, страст и поезија – токму она што го прави Кејв еден од највлијателните уметници на современата сцена.
Музичкиот новинар Ненад Ѓоргиевски го опишува овој момент како „културен настан на годината“.
„Ја следам неговата музика уште од деведесеттите, кога преку Стотројка ја откривме неговата уметност. Ова е остварување на долгогодишна желба – концерт што верувам ќе биде интимен и длабок“, вели тој, додавајќи дека трагедиите што го одбележале животот на Кејв – смртта на неговиот татко и двата сина – го направиле уште посензибилен и поблизок до луѓето.
Љубиша Петрушевски – Бубе, кој во деведесеттите имал прилика лично да го интервјуира Кејв, истакнува дека австралискиот уметник отсекогаш бил симбол и на темнината и на светлината во музиката.
„За нашата генерација тој беше херој. Од суровата енергија на Birthday Party до небесната магија во филмот Небото над Берлин, неговата уметност е постојана борба со загубите и болката. Затоа неговите концерти се катарза, а не само настап“, вели Петрушевски.
Кејв, кој својата кариера ја започна во Австралија, а подоцна ја ревитализираше британската сцена во осумдесеттите, останува глас што инспирира генерации љубители на музиката ширум светот. Со својот настап во Скопје, тој отвора ново поглавје во културната историја на градот – еден од оние настани за кои се зборува со години.
Овој концерт не е само исполнета желба за македонските обожаватели. Тоа е симбол на музика која преживува и во најтешките моменти, сведоштво за тоа како уметноста може да ја претвори болката во убавина.
Текстот го подготви: Андреа Андреевиќ
