Битола синоќа повторно беше епицентар на културните случувања во земјава. Музичко-поетскиот перформанс на популарниот српски актер Иван Босиљчиќ ја доведе битолската публика до екстаза. Поезија на Мика Антиќ, Алекса Шантиќ, Достоевски, Есенин, Константин Симонов, Бранко Радичевиќ но и нашиот Анте Поповски рецитирани од харизматичниот Босиљчиќ беа вистинска посластица за публиката која во потполна тишина, полно внимание и многу емоции слушаше и се навраќаше на некои поубави времиња.
За Иван велат дека е најдобар пејач меѓу актерите, но освен со вокалната умешност тој на сцената заблеска со својата автентична енергија и непосредност која публиката ја препозна и настана ретко неверојатна размена на позитивна енергија, пеење од срце во еден глас но и понекоја солза која само вистинска уметност може да предизвика. Внимателно избраниот репертоар покрај цитати поезија го сочинуваа и старите добри евергрини како „Жуте дуње“ и „Душо моја“, па малку португалско фадо и ромски ритам а дел од репертоарот беше „Gipsy song“ на Влатко Стефановски, „Тајно моја“ од Тоше и се разбира „Ако одам во Битола“.
Центарот за култура веќе со сигурност е без конкуренција од ваков тип национални установи, и има носечка улога во културниот живот на градот и особен придонес за Битола да биде културна проминенција каква што е денес.









