Македонската публика уште еднаш го покажа својот ентузијазам за регионалните хип-хоп ѕвезди. Добро познатото дуо Јала Брат и Буба Корели викендов ја раздрма арената „Јане Сандански“ со два последователни настапи кои беа целосно распродадени. Веќе по објавата на првиот датум, билетите исчезнаа за рекордно кратко време, што ги принуди организаторите да закажат уште еден концерт – и тој веднаш се најде „sold out“.
Полната сала, громогласните реакции и преполната енергија ја создадоа атмосферата што многумина ја опишаа како „настан кој ќе се памети“. Присутните ги дочекаа нивните најголеми хитови – од „Tec 9“ и „Блака блака“, до „Тозе олзи“ и „Блокади“. Дуото уште еднаш докажа дека нивниот препознатлив стил, сценска моќ и директна интеракција со публиката се формула за вистински музички спектакл.

Загревањето на сцената му припадна на диџејот Форора, кој уште од почеток ја подигна атмосферата до максимум. Настапите во Скопје се дел од нивната актуелна „Goat Season Tour“, која опфаќа повеќе од десет градови и е поделена во две поглавја. По двојниот успех во македонската престолнина, Јала и Буба продолжуваат во Штутгарт, каде што ќе настапат на 13 декември во прочуената МХП Арена. Турнејата ќе продолжи и следната година, со еден од најочекуваните настапи – во „Арена Загреб“ на 9 мај.

Публиката уште еднаш докажа дека регионот ги сака, а дуото дека не случајно важи за едни од највлијателните артисти на балканската музичка сцена. Скопје доби два концерти, а настаните во „Јане Сандански“ уште долго ќе се раскажуваат.
Текстот го подготви: Марија Поповска
Фото: Music Week – Стефан Рајхл и Дин Хоџиќ
