Вчера точно напладне, македонските медиуми имаа ретка и исклучителна привилегија да се сретнат, дружат и разговараат со една од најголемите балкански музички ѕвезди – Јелена Розга. Средбата се одржа во Скопје во Хотел Мериот во центарот на градот, во атмосфера исполнета со насмевки, кафе и песна, каде Розга уште еднаш ја покажа својата спонтаност, топлина и искреност.
Пејачката, која важи за една од најголемите поп дами на овие простори, не само што најави дека на 29-ти јули ќе настапи на Античкиот театар во Охрид, туку откри и детали за својот приватен живот, музички пат, како и емоциите кои ги носи со себе кога размислува за претстојниот спектакл.
„Едвај чекам да дојде 29-ти јули. Возбудена сум, морници ме лазат кога ќе помислам дека ќе стојам на таа сцена. Многу пати сум била во Охрид, но овој пат ќе биде посебно. Прекрасен град, магична локација. Кога првпат го видов театарот, знаев – еден ден морам тука да настапам, и еве, тој ден доаѓа“, искрено изјави Розга.
На неформалната средба со новинарите, која организаторот Евентум ја најави како „опуштено дружење со Јелена Розга“, атмосферата беше пријателска и весела. Розга, придружувана од својот гитарист Перо, испеа неколку од своите најголеми хитови, а новинарите имаа можност да изберат кои песни сакаат да ги слушнат – момент кој ретко се доживува во контактот со големи музички имиња.

На прашање од музичкиот портал Музика24 за нејзиниот љубовен живот, Розга со срамежлива насмевка призна:
„Да, заљубена сум… и ми годи премногу. Мојот партнер, кој е помлад од мене, ќе биде присутен во публиката на концертот во Охрид“.
Настапот на Античкиот театар во Охрид се најавува како концерт на летото – симфониски спектакл под отворено небо, исполнет со најголемите балади и енергични хитови што ја одбележаа нејзината кариера. Публиката ќе има можност да ужива во вечер исполнета со емоции, страст и беспрекорен настап каков што само Розга умее да понуди.
Концертот ќе се одржи на 29-ти јули, а билетите веќе се пуштени во продажба преку мрежата yournextevent.info, по цени од 1.500 до 2.200 денари, зависно од местоположбата на седиштето.
Овој настан, освен што е музичко уживање, е и културен празник кој го враќа гламурот и класата на Античкиот театар. Очекувајте вечер која ќе остане врежана во меморијата на сите присутни – затоа, не ја пропуштајте!
Текстот го подготви: Иван Јосимовски
Фото: Музика24
