По повод 25 години од издавањето на легендарниот албум „Врати на имагинација“ и четврт век од незаборавниот концерт на Скопски саем, кој уште се раскажува како најемотивен рок-настан во поновата македонска музичка историја, АРЕА повторно ја крева публиката на нозе.
Албумот „Врати на имагинација“, издаден пред точно 25 години, претставува музичко богатство во кое буквално секоја песна стана хит. Од „Сите мои слики“, „Пријател“ и „Одведи ме“, до „Биди мој“ – тоа се песни што ја дефинираа младоста на многу генерации и сè уште имаат свежа енергија и порака.
Оваа година, албумот доби и ново, луксузно издание на винил – доказ дека вистинската музика не старее, туку се слуша со ново воодушевување.
„А, зошто да не направиме концерт – за сите оние што беа на Саем пред 25 години и за оние што тогаш не успеаја да влезат бидејќи билетите беа распродадени два дена порано?“, велат членовите на АРЕА. Идејата се претвори во реалност: на 8 ноември, СЦ „Јане Сандански“ ќе биде местото каде што сите генерации ќе се соберат заедно и ќе ја прослават музиката на АРЕА.

Билетите ќе бидат пуштени во продажба од четврток (2 октомври) во 10 часот наутро преку: avalonbooking.mk и продажната мрежа на karti.com.mk низ цела Македонија.
Категории и цени:
- Партер: 600 денари
- Фан пит: 900 денари
- Трибина: 990 денари
На концертот ќе биде изведен целиот албум „Врати на имагинација“, а покрај него ќе се слушнат и сите останати безвременски хитови на АРЕА. Ова нема да биде само концерт, туку еден голем собир, прослава на македонската музика и потсетување зошто АРЕА е бенд што остави длабоки траги во македонската рок-сцена.
Текстот го подготви: Иван Јосимовски
