Во прв ред

Кичево подготвено за спектакуларен дочек на Новата 2026 година

Општина Кичево, со заложбите на градоначалникот Д-р Александар Јовановски, ја објави долгоочекуваната дводневна програма за дочекот на Новата 2026 година, која ќе се одржи на градскиот плоштад. За првпат, празничниот период во Кичево ќе биде исполнет со богата културно-музичка содржина наменета за сите генерации.

Празничната програма започнува на 30 декември во 12:30 часот, кога граѓаните ќе имаат можност да уживаат во настапи на играорни групи од Кичево. Во програмата ќе се претстават учесници од сите националности, со што ќе се испрати силна порака за културна разновидност, почит и заедништво – вредности кои го красат градот.

Следниот ден, 31 декември, е целосно посветен на децата. Со почеток во 11:30 часот, најмладата публика ќе ужива во весела детска новогодишна програма во изведба на „Академија Кристина“, која ќе донесе радост и насмевки преку популарни детски песнички. Во 12:00 часот на сцената ќе настапат омилените „Биби и Боби“, а врвот на детската програма ќе биде пристигнувањето на Дедо Мраз, кој ќе подели новогодишни пакетчиња за децата од кичевските детски градинки.

Со почеток во 20:00 часот, градскиот плоштад ќе се претвори во центар на празнична забава. Вечерната музичка програма носи богат и разновиден музички репертоар, со настапи на: Ани Малинкова, Елвис Зенкоски, Јасмин Хусоски, Дарко Стојаноски, Дамјан Стојаноски, Сузана Спасовска, Rozafa Etemi & Black Jack, групите Љубојна и Фолтин, како и Addicted Band, Phoenix Band и Future Band. Публиката ќе ужива во комбинација од традиционална, современа и урбана музика, создавајќи незаборавна атмосфера за испраќање на старата и пречек на Новата година.

Општина Кичево ги поканува сите граѓани и гости заедно да ја споделат празничната магија, да уживаат во музика, радост и позитивна енергија, и со насмевка да ја пречекаат Новата 2026 година.

Можеби ќе ве интересира: