Во време кога музичката индустрија сè почесто ги дели изведувачите и публиката во строго дефинирани жанровски категории, постојат проекти кои успеваат да ги надминат сите граници и да создадат простор каде што традицијата и иднината дишат заедно. Токму таков е TRANSMIssION – амбициозниот музички проект на македонскиот перкусионист, композитор и истражувач на звукот Александар Петров, кој на 12 јуни во Public Room во Скопје ќе ја одведе публиката на едно несекојдневно музичко патување.
TRANSMIssION не е класичен концерт. Тоа е внимателно осмислено звучно искуство во кое древните балкански ритми, традиционалните мелодии, џез импровизацијата и современата електронска музика се спојуваат во единствена уметничка целина. Проектот ја истражува врската меѓу колективната меморија и модерниот израз, создавајќи музика што истовремено звучи познато и сосема ново. Во центарот на целата приказна е тапанот – инструмент кој со векови бил неизоставен дел од македонските семејни прослави, народни обичаи, песни и ора. За Александар Петров, тапанот претставува повеќе од музички инструмент. Тој е симбол на културниот идентитет и ритамот на животот.
„Срцето го дава ритамот на животот, тапанот го дава пулсот на срцето“ – токму оваа мисла е основата врз која е изграден целиот концепт на TRANSMIssION.
Концертот ќе биде поделен во две различни, но меѓусебно поврзани музички целини. Во првиот дел, насловен TRANSMIssION Acoustic, публиката ќе има можност да слушне композиции инспирирани од македонското музичко наследство, авторски дела на Александар Петров, како и музички материјал базиран на традиционални песни документирани од еден од најзначајните македонски етномузиколози, Васил Хаџиманов. Вториот дел, TRANSMIssION Electronic, ќе отвори сосема нов звучен простор. Тука традиционалните мотиви ќе се трансформираат низ современи електронски текстури, амбиентални пејзажи и импровизирани музички структури, создавајќи впечаток на патување низ различни времиња, култури и музички светови.
Посебна вредност на проектот му дава интернационалниот состав на музичари кои настапуваат заедно со Александар Петров.
Меѓу нив е и Тања Царовска, уметница чиј глас одамна ги надмина границите на Македонија. Нејзината кариера е испишана низ светската филмска и театарска сцена, а нејзиниот вокал може да се слушне во некои од најпознатите холивудски продукции. Таа остави силен авторски и изведувачки белег во филмовите „The Passion of the Christ“ и „Troy“, а соработувала со врвни светски композитори чии дела се дел од најзначајните филмски остварувања на последните децении. На сцената ќе настапи и Симеон Петров, музичар со исклучително богата биографија кој своето образование го започнува во Париз, како дел од хорот на катедралата Нотр Дам. Неговата музичка кариера ги обединува класичната музика, џезот и современите музички форми, носејќи ретка разновидност и музичка зрелост.
Дел од проектот е и македонскиот гитарист и композитор Филип Динев, кој зад себе има настапи низ бројни европски културни центри и музички сцени. Неговиот препознатлив авторски пристап и современ музички јазик претставуваат значаен дел од звучната слика на TRANSMIssION.
Електронската димензија на проектот ја надополнува француската диџејка и продуцентка Lenna. Позната по својата способност да ги спои електронските жанрови со влијанија од различни култури, таа носи современа енергија која природно се вклопува во концептот на проектот. Нејзините настапи во престижни клубови и фестивали ширум Европа ја потврдуваат нејзината репутација како артист кој создава атмосфера што лесно ги поврзува луѓето преку музиката. Она што го прави TRANSMIssION особено значаен е неговата способност да покаже дека традицијата не е нешто што припаѓа само на минатото. Напротив, таа може да биде извор на нови идеи, инспирација и современи уметнички форми. Проектот отвора дијалог помеѓу генерациите, културите и музичките јазици, покажувајќи дека корените и иднината можат да постојат во ист ритам.
На 12 јуни во Public Room, Скопје, љубителите на музиката ќе имаат можност да бидат дел од концерт кој не нуди само настап, туку искуство. Искусување на звукот како приказна, на традицијата како жива енергија и на музиката како универзален јазик што ги поврзува луѓето без разлика на времето и просторот.
Текстот го подготви: Редакција Музика24
