Македонија ова лето ќе биде домаќин на музички настан што сигурно ќе го привлече вниманието на љубителите на електронската музика од целиот регион. На 16 август 2026, Градскиот парк во Струмица ќе се претвори во огромна денс арена, каде заеднички ќе настапат две од најголемите светски имиња на електронската сцена – Paul van Dyk и Paul Oakenfold.
Станува збор за редок концертен настан што на едно место ги обединува двајцата артисти кои со децении го обликуваат звукот на модерната електронска музика. Нивните имиња се неизоставен дел од историјата на транс жанрот, а нивните настапи и денес привлекуваат десетици илјади посетители на најголемите светски фестивали. Настапот е дел од манифестацијата „35 години независност на Македонија“, која започнува на 2 август – Илинден во Битола, а ќе заврши на 8 септември во Скопје. Концертот во Струмица ќе биде со слободен влез, што значи дека сите љубители на електронската музика ќе имаат можност бесплатно да бидат дел од една вечер исполнета со светски звук и врвна атмосфера.
Германецот Paul van Dyk веќе повеќе од три децении е меѓу највлијателните диџеи и продуценти во светот. Со бројни хитови, настапи на најголемите фестивали и признанија што го вбројуваат меѓу најдобрите на сите времиња, тој останува едно од најпочитуваните имиња на глобалната електронска сцена. До него ќе застане и легендарниот Paul Oakenfold, човекот кој одигра огромна улога во популаризацијата на транс музиката на светско ниво. Неговата кариера вклучува соработки со музички гиганти како Madonna, U2, The Rolling Stones, Michael Jackson, The Cure и многу други, а неговите сетови и денес се сметаат за вистинско музичко доживување.
За македонската публика, ова ќе биде ретка можност во една вечер да ги види заедно двајцата пионери на електронската музика, чии кариери оставија траен белег врз глобалната денс сцена.
Доколку сте љубители на транс и електронската музика, 16 август е датум што не треба да го пропуштите. Струмица ќе биде местото каде што светските легенди ќе ја претворат летната ноќ во вистински музички спектакл.
Текстот го подготви: Редакција Музика24
