Во прв ред

Љубов, рок и носталгија: Владо Јаневски и Бајага на заеднички концерт за 14-ти февруари во Скопје

Љубовта, пријателството и добрата музика ќе се спојат на 14-ти февруари во Скопје, кога Владо Јаневски и Момчило Бајагиќ – Бајага ќе одржат заеднички концерт во салата „Борис Трајковски“, во организација на Авалон продукција. Концертот, најавен како вистински музички маратон, ќе трае од четири до пет часа и ветува вечер исполнета со емоции, носталгија и хитови што ги обележаа последните неколку децении.

На вчерашната прес-конференција (28 јануари), двајцата кантавтори се потсетија на нивното долгогодишно пријателство и првата средба од почетокот на 1990-тите, кога Јаневски го снимал својот прв соло албум.

„Слушнав дека има некој дечко од Скопје што пишува фантастични текстови. Кога дојде во студио, веднаш знаев кој е“, рече Бајага, додавајќи дека соработката им тргнала природно, без многу објаснувања и калкулации. Јаневски, пак, со препознатлива доза на хумор, раскажа дека кај Бајага отишол со само две-три песни и голема желба да учи.

„Кој да ми напише песна ако не најголемата ѕвезда? Ми дозволи да ја препеам Твоите очи, песна што тој ја напиша за Здравко Чолиќ, и тоа многу ми значеше во тие години“, истакна Јаневски.

Како што откри Бобан Милошески од „Авалон“, идејата за заеднички концерт се родила благодарение на една, како што ја нарече, „менаџерска финта“. Без претходна согласност од артистите, им било кажано дека „другата страна веќе се согласила“. Кога и Владо и Бајага ја прифатиле идејата со воодушевување – датумот и салата биле резервирани. Бајага низ смеа додаде дека морал „да го извади Владо од илегала“, алудирајќи на неговиот мирен живот во Гевгелија, далеку од дневните вести и медиумската врева. Јаневски го потврди тоа, признавајќи дека навистина живее повлечено и ретко следи актуелни случувања.

Српскиот кантавтор се присети и на својата прва турнеја низ Македонија во 1978 година со „Рибља чорба“, кога биле придружен бенд на Драган Мијалковски. Со емотивна нота, Бајага дури и запеа стихови од „Кажи нешто драга, па макар и лага“, потсетувајќи на златните времиња на југословенската естрада.

Иако живееме во ера на вештачка интелигенција, и Владо и Бајага открија дека песните и денес ги пишуваат на старомоден начин – со пенкало и хартија. Токму затоа, велат, нивната музика и понатаму носи искреност и човечка топлина. Од Авалон најавуваат дека не е исклучено двајцата заедно да запеат и некоја заедничка песна – момент кој сигурно ќе биде еден од најемотивните на вечерта.

14 февруари во Скопје, очигледно, нема да биде само Ден на вљубените – туку и празник на добрата музика.

Текстот го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: