Како што дознава Специјализираниот македонски музички фестивал Музика24, годинава Македонскиот Радиски фестивал или уште попознат како МАРС прославува 10 години од своето постоење. Од самото стартување, МАРС претставува единствената музичка манифестација во земјава која веќе една деценија релевантно го вреднува трудот на авторите и изведувачите од областа на поп-рок и забавната музика во Македонија и ја наградува нивната работа.
Годинешново јубилејно 10-то издание на на “МАРС 2017” ќе се одржи на 14-ти ноември вторник, во Македонската опера и балет (МОБ). Финансиски поддржан уште од првиот ден од град Скопје, оваа музичка манифестација и понатаму останува парада на најпопуларните македонски музички ѕвезди и ревија на најслушаните хитови во тековната година. Затоа МАРС важи за македонски музички “all stars” или што би рекле сите наши ѕвезди на едно место збрани.
Изборот на најпопуларните годинешни радиохитови како и досега ќе биде добиен по пат на селекција од 4о-на локални, регионални и национални радиостаници ширум Македонија. Избраните песни кои биле највртени во македонскиот радиоетер ќе се најдат на финалната вечер на “МАРС 2017”. Листата на избраните ќе се знае во почетокот на следниот месец, откако претходно ќе се сумираат резултатите од пристигнатите гласови од македонските радиостаници чија постапка е во тек. Македонскиот радиски фестивал “МАРС 2017” чиј продуцент и организатор од самото негово основање е КЦ “Александар Македонски” (поранешна Универзална сала – Скопје) и годинава ги задржа истите правила на селектирање на песните и ја продолжи востановената концепција на гласање и наградување на победниците по категории. Ваквиот содржински дизајн на фестивалот подразбира дека секој од учесниците на финалната вечер е во можност да добие една или повеќе различни награди во повеќе категории како што се: Поп, Рок или Ар-ен-би и Рап хит на годината, хит испеан од Женски вокал, од Машки вокал или од Група, Балада на годината…
Тука се и категориите како Случајни партнери (дует), Апсолутен радиски или ФМ хит (песна која ќе има најголем број гласови од радиостаниците), наградата Фестивалски асови ( најпопуларен победничка фестивалски хит), Хит по избор на публиката (која ќе може да гласа преку Фан страницата на “МАРС 2017” на Фејсбук), додека за најдобриот текст на песна повторно ќе одлучуваат естрадните и музичките новинари од она што остана од печатените медиуми и интернет порталите. За Ѕвезда што се раѓа ќе биде прогласено едно младо музичко име кое имало најголем развој и напредок во кариерата во тековната 2017 година.
Трајните вредности се врзани за специјалните гости на ќе им бидат доделени наградите за особен развој, афирмација и популаризација на македонската поп-рок музика низ сиве овие години наназад. Тие ќе заминат во рацете на еден изведувач кој се уште е активен пејач, а полека станува македонска музичка легенда, а иста таква е предвидена и за уште една македонска легендарна група која со голем концерт во ноември го најави своето враќање. Годинава, за десетгодишниот јубилеј на МАРС е целосно посветен на македонската музика, па затоа акцентот е комплетно ставен на домашните автори и изведувачи, така што музички имиња од регионот кои сиве години наназад беа специјални гости на фестивалот, на “МАРС 2017” нема да има.
Домаќини на десеттото фестивалско издание на “МАРС 2017” овој пат ќе бидат повеќе актуелни и популарни водителски ТВ имиња, кои во измиминатата деценија биле и водители на фестивалот. Организаторот најавува уште неколку специјални изненадување, музичко-танчерски, и ДЈ точки, специјални визуелни ефекти и видео материјали кои ќе ги прошетаат публиката и ТВ гледачите низ времето, и ќе го збогатат сценско-содржинскиот дел на манифестацијата. Изгледот на сцената, специјално подготвениот “front & backstage” во кој ќе бидат сместени изведувачите, редоследот на песните како и сите останати детали и поединости врзани со одржувањето на десеттиот – јубилеен Македонски радиски фестивал “МАРС 2017” ќе бидат соопштени наскоро на прес -конфернцијата за медиумите.
Подготви: Редакција Музика24
