Во прв ред

Милица Павловиќ ја „запали“ македонската публика: Совршен спектакл во „Јане Сандански“ кој долго ќе се памети! (Фото+Видео)

Додека некои го славеа Денот на вљубените со романтична вечера, а други уживаа во чаша добро вино, Скопје беше сведок на еден од најспектакуларните концерти оваа сезона! Младата, харизматична и ултрапопуларна балканска ѕвезда, Милица Павловиќ, ја разгоре сцената во спортската арена „Јане Сандански“, испорачувајќи настап што ќе се прераскажува уште долго.

Како дел од својата голема турнеја „Лав“, Милица го одржа својот петти концерт, а македонската публика, жедна за добра забава, ја исполни арената до последно место. Речиси 6.000 фанови ја пречекаа со овации, а по 40-минутно исчекување, шоуто започна во голем стил!

Милица Павловиќ, концерт во Скопје (Музика24.мк)

Како вистинска божица, таа се појави на златен трон со истоимената песна „Богиња“, а од тој момент натаму, енергијата не стивна. Еден по друг, следуваа нејзините најголеми хитови: „Проверено спава сам“, „Могла сам“, „Она носи Праду“, „Кучкетина“, „Шечеру“, „Праштај“, „Господе мој“ и уште многу други кои публиката ги пееше во еден глас.

Милица Павловиќ, концерт во Скопје (Музика24.мк)

Шоуто не би било комплетно без визулениот спектакл – Милица неколку пати го менуваше стајлингот, но најмногу се коментираше нејзиниот бомбастичен златен аутфит со огромна ѕвезда преку градите, комбиниран со розово здолниште што ја истакнуваше нејзината провокативност.

Публиката беше воодушевена кога на сцената ѝ се придружи и македонската поп-дива Елена Ристеска. Двете заедно ја изведоа легендарната „Нинанајна“, евровизискиот хит што ја претставуваше Македонија во 2006 година. А потоа, како вистински подарок за публиката, следуваше „Доживотно“, една од најемотивните песни во кариерата на Ристеска.

Милица Павловиќ заедно на сцената со Елена Ристеска (Музика24.мк)
Елена Ристеска, гостинска на концертот на Милица Павловиќ во Скопје (Музика24.мк)

„Многу сум среќна што сум овде! Заљубена сум во Вас веќе 10 години!“, изјави Милица за време на концертот, докажувајќи колку ѝ значи поддршката од македонската публика.

Некaде на средината од концертот, Милица Павловиќ приреди вистинско изненадување за својата македонска публика. Таа на сцената ги повика музичарите кои ја придружуваа цела вечер, а со звуците на тапани и добро познатата македонска песна „Јовано, Јованке“, публиката експлодираше од воодушевување. Како изгледаше овој незаборавен момент и каква беше реакцијата на присутната публика, погледнете во видеото во продолжение:

Концертот беше поделен во пет чина, а секој од нив започнуваше со посебно снимено видео-интро што го воведуваше публиката во различна емоција. Најемотивниот момент дојде кога започнаа тивките и тажни песни, меѓу кои беше и „Породично благо“, песна што Милица ја посветува на своите баба и дедо, кои ја одгледале. А како почесен гостин на сцената на сцената се појави Слободан Вељковиќ – Цоби, со кого заедно ја изведоа нивната дуетска песна „Илегала“, предизвикувајќи експлозија на емоции кај присутните.

Coby, гостин на скопскиот концерт на Милица Павловиќ (Музика24.мк)

Концертот заврши со истата енергија, страст и возбуда со која и започна. Публиката ја пееше секоја песна, сцената блескаше, а Милица и нејзиниот тим го докажаа својот професионализам на највисоко ниво.

Милица Павловиќ, концерт во Скопје (Музика24.мк)
Милица Павловиќ, концерт во Скопје (Музика24.мк)
Милица Павловиќ, концерт во Скопје (Музика24.мк)

На крајот, единственото што можеме да кажеме е – Браво и секоја чест! Македонските организатори дефинитивно имаат што да научат од овој перформанс, а публиката во „Јане Сандански“ ја покажа својата љубов и желба за уште повеќе вакви концерти.

До следниот спектакл – продолжете да ја следите музичкиот портал Музика24.мк за најновите музички случувања во Македонија и регионот.

Подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: