Еден месец нè дели од долгоочекуваното музичко доживување со Barcelona Gipsy Balkan Orchestra (БГКО) – еден од најиновативните и највлијателни музички состави на денешницата. На 28 февруари 2025 година, во Македонската филхармонија во Скопје, повторно ќе имаме можност да бидеме дел од нивното емотивно и незаборавно музичко патување.
БГКО е состав што руши сите граници – музички, културни и географски. Нивната уникатна музика, инспирирана од богатите традиции на Балканот и светот, е спој на страст, емоција и креативност што ја заробува публиката ширум планетата.
Посебен шарм на овој концерт ќе даде македонската уметница Зарина Првасевда, позната по својата автентична вокална изведба која ја комбинира традицијата со модерното. Со корени во источноевропските и ориенталните музички стилови, Зарина ја пренесува топлината и душата на македонскиот фолклор, додавајќи посебен вкус на овој уникатен настан.
На репертоарот на БГКО се наоѓаат незаборавни мелодии како „Море сокол пие“, „Македонско девојче“, „Kaleja Jaca“, како и разиграната румба на Есма Реџепова-Теодосиевска. Секој нивен настап е ново доживување, со изненадувања кои ветуваат незаборавно искуство.
Влезниците за овој концерт веќе се пуштени во продажба и можете да ги набавите преку мрежата на mktickets.mk по цени од 1000, 1200 и 1500 денари. Резервирајте го 28 февруари за вечер исполнета со музика која ќе допре до срцето и ќе остане долго во вашето сеќавање.
